Најава за мегатрансфер: Кулибали си купил куќа во Париз

Калиду Кулибали до лани важеше за лидер на Наполи, фудбалер од кој Аурелио де Лаурентис ни на сон не сака да се раздели. Сепак, ситуацијата се промени откако Сенегалецот влезе во серија на грешки сезонава, почнувајќи од автоголот за пораз на дербито со Јуве, надополнети со несмасни интервенции што скапо ги чинеа „наполитанците“.

Де Лаурентис го загуби трпението, Кулибали веќе не е „недопирлив“ и во јули ќе може да си замине, а според последните информации следна дестинација на овој одличен дефанзивец ќе биде ПСЖ. „Светците“ се во потрага по нов врвен одбранбен фудбалер што би го наследил Тијаго Силва, кој на крајот на сезонава како слободен играч ќе си замине од „Паркот на принцовите“. Дел од италијанските медиуми обелоденија дека Кулибали веќе си купил и куќа во близина на Париз за сума од четири милиони евра, како најава за мегатрансфер што ќе се реализира на почетокот од летниот преоден рок.

Во неговиот договор со Наполи сенегалскиот интернационалец има клаузула за раскин од 150 милиони евра. Сепак, „светците“ се надеваат дека поради неговите слаби игри сезонава цената ќе биде значително намалена, па со сума од 70 милиони евра ќе успеат да го доведат Кулибали во Париз.

Се вчитува...