Најава за трансфер-лудило: Гвардиола има 300 милиони фунти за трошење

По укинувањето на забраната за настап во европските купови, Пеп Гвардиола доби уште една фантастична вест откако дозна колку пари ќе му бидат достапни за засилувања во текот на летниот преоден рок. Управата на Манчестер Сити е незадоволна од загубената титула во Премиер-лигата, па „граѓаните“ се подготвени за сериозни инвестиции од 300 милиони фунти, се со цел Ливерпул експресно да биде симнат од тронот на англискиот фудбал.

„Граѓаните“ веќе почнаа со работа, ги договорија Феран Торес од Валенсија и Нејтан Аке од Борнмут, притоа трошејќи само околу 20% од буџетот за засилувања. Токму затоа, се најавува вистинска трансфер-треска во наредниот месец, кога Гвардиола ќе тргне во офанзива за две суперзасилувања. Првото е очекува да биде Калиду Кулибали, откако Пеп го доби неопходните буџет за да плати 100 милиони евра (колку што бара Де Лаурентис за најдобриот дефанзивец на Наполи). Тој сега е доволно финансиски моќен за да го доведе и Бен Чилвел од Лестер за нов лев бек, откако Челси јасно стави до знаење дека нема да плати 70 милиони фунти за овој дефанзивец.

Третото засилување се очекува да биде класичен напаѓач, Сити ќе го чека расплетот на Лаутаро Мартинез со Барса и доколку трансферот не се реализира ќе понуди 70 милиони фунти за голгетерот на Интер. Доколку таа опција не е остварлива, како „план Б“ се спомнува Обамејанг, кој има само уште една година од актуелниот договор со Арсенал.

Се вчитува...