НАЈЧИТАНО ВО 2021… Како се менуваат ставовите: Антиќ беше „пензионер“ кога го бараа, а сега е „изненаѓен и увреѓен“!

Перо Антиќ како претседател на КФСМ на вчерашната прес-конференција жестоко го критикуваше Ненад Димитријевиќ за непојавувањето на репрезентативниот собир за претстојниот претквалификациски циклус.

Нема дилеми дека Димитријевиќ нема чувство на национална гордост кога станува збор за репрезентацијата, па повторно го остави националниот тим на цедило, но Антиќ е еден од ретките кои треба да говорат на оваа тема бидејќи и тој самиот знаеше да фати „кривина“ секогаш кога ќе му се укаже можност за такво нешто, без оглед на молбите од селекторите и репрезентативните колеги.

Последен таков случај беше повикот од Јорданчо Давитков, во слична ситуација кога оваа, кога неуспехот во претквалификациите за СП во Кина значеше враќање на дното, во претквалификациски циклус за Евробаскет.

„Јас се пензионирав од репрезентацијата откако наполнив 30 години. Само го ставаат моето име на списокот бидејќи сакаат да докажат нешто“ – изјави тогаш Антиќ, продолжувајќи ја војната што ја водеше со раководството на МКФ.

Селекторот Бајиќ вчера му порача на Димитријевиќ да се угледа на Пандев и на Лазаров, кои до крајот на кариерите ги бранат боите на Македонија, но очигледно никој не го информирал како течеше репрезентативната кариера на Антиќ, завршена со наполнети 30 години, според зборовите на самиот Перо.

Нешто претходно, селекторот Џикиќ во 2015 го молеше Антиќ да му се приклучи на националниот тим за Евробаскет, но беше експресно одбиен. Џикиќ непосредно пред европскиот шампионат беше сменет, репрезентацијата во Загреб ја водеше Србиновски, во неа до последно беше Владо Илиевски, но од Антиќ при тој неуспех и пласманот во групната фаза немаше ни трага ни глас.

Антиќ учествуваше и во „молење“ на играч да се приклучи на репрезентацијата пред Евробаскет 2013, а во архивата останува неговата заедничка фотографија со Мекејлеб и Илиевски, да се убеди Тодор Гечевски да му помогне на националниот тим.

Лојалноста на Гечевски кон репрезентацијата е многу добро позната, па кавадаречкиот центар на крајот одговори позитивно на „апелот“ од колегите и се појави на Евробаскет 2015 во Словенија.

Еден од легендарните македонски кошаркари, Врбица Стефанов, своевремено го потенцираше токму Антиќ  и проблематичното однесување на крилниот центар како главна причина за неговото повлекување од националниот тим.

„Поради лагите на Антиќ и неговото размазено однесување во репрезентацијата јас увидов дека не ми е место таму и си заминав. Сите во федерацијата знаат дека Антиќ во повеќе наврати лажеше во име на играчите, вадејќи се дека се премногу изморени за да тренираат во Венецуела. Тој се обидуваше да манипулира, се уште го прави тоа, но решив повеќе да не молчам. Македонија треба да ја знае вистината за Перо Антиќ“ – откри Стефанов пред неколку години во интервју за ЕКИПА.

Перо Антиќ во играчката кариера освои се што можеше на клупски план, стана и прв Македонец во НБА-лигата, но потезите што ги влечеше во текот на репрезентативната кариера се она што не му дава за право да критикува никого.

Тој може да биде лично разочаран од Димитријевиќ, но да се организира прес-конференција за „рафално“ да се најде на „отстрел“ најдобриот кошаркар што го имаме во моментов, во најмала рака е малоумно, гледано од менаџерски аспект и визија за иднината.

Очигледно, ставовите се многу поинакви кога си играч и претседател на федерацијата. Само една работа во случајов е иста – личните ставови се пред општото добро.

ТЕКСТОТ Е ОБЈАВЕН НА 10. август 2021 година

Се вчитува...