Најден нов термин, Јуве и Интер ќе играат во март

Конечно, пронајден е начин за стабилизирање на италијанскиот фудбалски шампионат по серијата одложени натпревари во последните две кола од „Серија А“. Синоќешниот состанок меѓу челниците на лигата и на Италијанската Фудбалска Федерација вроди со плод, па беше договорено календарот да се модифицира, односно новото коло да не стартува додека не се одиграат поголемиот дел од одложените натпревари.

Во центарот на вниманието е големото дерби меѓу Јувентус и Интер, кое според најновиот договор ќе биде одиграно следниот понеделник, на 9 март, со почеток во 20.30 часот.

Претходно, во текот на викендот ќе играат Сампдорија – Верона, Удинезе – Фиорентина, а во понеделник пред мечот во Торино ќе се сретнат Милан – Џенова, Парма – СПАЛ и Сасуоло – Бреша. Четирите средби се закажани за понеделник, бидејќи в недела истекува најновата забрана изречена од италијанските власти, па се очекува (доколку нема нова забрана) на сите натпревари да бидат присутни навивачи на трибините.

Ова ќе придонесе да дојде до поместувања на сите кола до претпоследното, кое ќе се игра во среда, за шампионатот да заврши според планираното, на 24 мај, со што италијанската репрезентација би имала доволно време за подготовки за ЕВРО 2020.

Како што веќе беше објавено, реванш-натпреварите од полуфиналето во Купот на Италија меѓу Јувентус и Милан, односно Наполи и Интер, ќе се играат според планираното во следните два дена (в среда во Торино и в четврток во Неапол).

Се вчитува...