Најдобри кога е најтешко: МЗТ го освои Сплит, опстанокот сега е многу блиску

МЗТ Скопје успеа да слави на гостувањето против Сплит (74-77), прва радост за македонскиот првак надвор од Скопје во АБА-лигата сезонава, забележана во најдобар можен момент, за огромен чекор напред кон осигурување на опстанокот во регионалната кошаркарска елита. Васко Атанасов доби шасна на местото на болниот Драган Николиќ и младиот македонски стратег максимално ја искористи ситуацијата, МЗТ одигра на едно повисоко ниво од претходните гостувања, создаде предност што знаеше и да ја задржи до самиот крај, за огромна радост во Далмација во трката за бегство од последното место на табелата.

МЗТ Скопје фуриозно го почна натпреварот, за само две минути поведувајќи со 0-8, по што гостинскиот тренер Суботиќ беше принуден да побара тајмаут по тројката на Војдан Стојановски. Оваа минута одмор ги разбуди домаќините, кои веќе на половина од првата четвртина стигнаа до 11-12. Војдан Стојановски блескаше со девет поени во првите осум минути од натпреварот, носејќи водство од 13-16, но Шортер со тројка донесе водство на Сплит од 18-17, нецела минута подоцна, за прва предност на домашниот состав. „Металците“ влегоа во серија грешки, па Хрватите со два контранапади поведоа со 22-17, на крајот добивајќи ја првата четвртина со 24-20.

Бурсаќ ја отвори втората четвртина со пет поени, одбраната функционираше добро, па со слободните фрлања на Дамјан Стојановски МЗТ израмни на 27-27, а веднаш потоа Миќовиќ реализираше за 27-29. Сплит не можеше да погоди буквално нитшо, па МЗТ со тројката на Дамјан Стојановски стигна до 27-32, резултат при кој македонскиот првак не реализираше три напади. Атанасов побара тајмаут на две минути на крајот, по што следеше уште една тројка на Дамјан Стојановски и заминување на одмор со водство од 31-39, по поените на Кук.

Сплит постигна само седум поени во втората четвртина, а кризата на хрватскиот тим продолжи и на стартот од третата четвртина, па МЗТ со поените на Војдан Стојановски стигна до првото двоцифрено водство на мечот (31-41). Сплит дојде на четири разлика, но МЗТ одговори на вистински начин и со тројката на Војдан Стојановски се врати на „плус десет“ (39-49). Домашниот стратег побара тајмаут при 42-51, по што следеше серија погодени шутеви од далечина и намалување на само еден поен негатива (53-54), пред Атанасов да земе тајмаут за „метлците“. Аеродромци подобро ја завршија четвртина, Дамјан Стојановски погоди уште една тројка, па во последните десет минути се влезе со предност на МЗТ Скопје од 55-59.

Сплит погоди тројка преку Мавра, но во вистински момент на спротивната страна со тројка возврати Миќовиќ. По поените на Абу за 60-67 домашниот тренер побара нов тајмаут.  Бурсаќ извонредно излблокира обид за тројка, потоа на спротивната страна прецизен од далечина беше Кефи, за ново двоцифрено водство, овојпат од 60-70 на помалку од седум минути до крајот. Бурсаќ заби од контранапад за 60-72, но Сплит не се откажа и на 78 секунди до крајот намали на само три поени разлика, со тројката што ја постигна Шортер за 71-74. Атанасов побара тајмаут, а потоа Кефи погоди тројка, најважни поени за МЗТ Скопје сезонава, за печат на победата што на крајот беше изразена со конечни 74-77.

Војдан Стојановски одигра најдобро кога беше најважно, постигна 16 поени и седум асистенции во овој голем триумф, Дамјан Стојановски реализираше 13, а Бурсаќ 12 поени.

МЗТ по триумфот во Сплит се израмни по број на победи со Борац Чачак, кој подоцна ќе го игра својот меч од ова коло, на домашен терен против шампионот Црвена Звезда. Ако Борац загуби на овој меч, МЗТ за освојување на претпоследното место ќе мора да слави во последното коло, на домашен терен со Цибона, но и Борац да претрпи пораз на својот последен меч, на гостувањето против Будуќност.

Се вчитува...