Се уште не стивнуваат коментарите околу помалку чудниот избор на „Франс фудбал“ Лионел Меси да се закити со „Златната топка“ за годината која веројатно беше една од најлошите во кариерата на легендарниот Аргентинец. Успеа да ја освои Копа Америка со Аргентина, но истото успеваа и Адријано 2004, Робињо 2007, Луис Суарез 2011, Алексис Санчез 2016 и Дани Алвес 2019, но ниту еден од нив не ја доби и „Златната топка“.
Дефинитивно најголем губитник во целата ситуација е Роберт Левандовски кој и покрај тоа што успеа да го урне рекордот на Герд Милер за дадени голови во Бундеслигата, на крајот повторно како и минатата година (кога изборот беше откажан) не ја освои „Златната топка“.
Во продолжение ви ги претставуваме сите „губитници“ кои и покрај сите успеси никогаш не го освои ова престижно признание.
Контроверзи донесе уште првото доделување на наградата во 1956 година кога тогаш 41-годишниот Стенли Метјуз ја доби наградата пред големиот Алфредо ди Стефано кој со Реал Мадрид во тој период доминираше со европскиот фудбал.
Сличен срам имаше и во 1967 година кога Боби Чарлтон со двата гола во финалето против Бенфика му ја донесе на Манчестер јунајтед првата титула шампион на Европа, а наместо него признанието заврши во рацете на Флоријан Алберто, Унгарецот кој ја освои наградата како едно извинување за сите претходни унгарски „велемајстори“ предводени од Ференц Пушкаш кои никогаш не стигнаа до признанието.
Наградата ја немаат освоено и Пеле и Марадона, но тоа е зошто до 1995 година за ова признание можеа да конкурираат само фудбалери од Европа. Една од најголемите неправди се случи во 2010 година и повторно вмешан во целата ситуација беше Лионел Меси. Шпанија на доминантен начин стигна до титулата на Светското првенство во Јужна Африка, а на клупски план Меси го освои Копа дел Реј. И место главните „виновници“ за сите успеси на Барселона и Шпанија, Чави и Иниеста да го добијат ова признание, тоа повторно му припадна на Лионел Меси, а во втор план беше и Весли Снајдер кој освои тројна титула со Интер и ја одведе Холандија до финале на Светското првенство.
Доделувањето на наградата на Меси очигледно е само уште една во серијата неправди што низ годините ги прави „Франс фудбал“, оставајќи дамка на најголемото индивидуално признание во светскиот фудбал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА