Најлуда приказна на Мундијалот – Рафаел Маркез со специјален третман поради наркокартелот

Мексиканскиот репрезентативец, Рафаел Маркез, кој деновиве со својата репрезентација настапува на СП во Русија, се разликува од сите други фудбалери на Мундијалот. Но, тоа нема никаква врска со неговите фудбалски вештини, туку поради неговата врска со наркокартелите!

Овој 39-годишен фудбалер се наоѓа на црната листа на Американското министерство за финансии и се терети за прерње пари за наркокартелите. Поради тоа ниедна американска фирма и институција не смее да соработува, ниту пак да има било каква врска со Маркез.

Тоа во голема мера го комплицира неговиот престој на терен и му носи принудно, посебен третман. Така Маркез, не смее да пие од истото шише од кое пијат неговите соиграчи бидејќи пијалокот има етикета на американски производител со кој што мексиканската репрезентација има договор.

Мексиканската ѕвезда не може како другите фудбалери на СП ни да се фотографира пред разните логоа на познатите спортски брендови, па камерите мора да го заобиколуваат. Ако случајно Мартинез биде прогласен за најдобар играч на натпревар, ни случајно нема да ја добие наградата на „Бадвајзер“.

Дури и кога патува на натпреварите строго се внимава Мартинез да не биде во некој хотел или апартман кој има било каква врска со некоја американска компанија, па макар тоа да значи и дека нема да спие на исто место со неговите соиграчи.

ФИФА како управно тело во светскиот фудбал и организатор на Светското првенство, на мексиканската репрезентација пред Мундијалот и уплати износ од 1.5 милиони долари наменети за трошоците за подготовките, но таа сума е платена во евра преку европските банки, за да нема никаква врска со финансискиот систем во САД.

Маркез кој од август минатата година е на црната листа во САД осомничен е за поврзаност со имотот кој всушност му припаѓа на Раул Флорес Хернандез, кој пак е обвинет за трговија со наркотици.

Иако Маркез не е обвинет за казнено дело, сепак, сите негови финансии во САД и имотот во Мексико кој е поврзан со американската финансика мрежа, се замрзнати.

Мексиканскиот репрезентативец ги отфрла сите обвиненија за било каква поврзаност со трговијата со дрога. Тој има ангажирано тим на адвокати за да го решат проблемот.

На Мексиканската фудбалска федерација добро и е позната ситуацијата во која што се наоѓа Маркез, но му дозволија тој да остане во националниот тим. Поради оваа необична ситуација, и медиумите бегаа од Маркез. И никој не бараше изјава од Мексиканецот бидејќи на просторот предвиден за тоа има паноа на кои се логоата на четирите клучни американски спонзори на СП – Visa, Coca Cola, Budweiser  и McDonald’s.

Маркез ги пропушти подготовките на мексиканската репрезентација во Калифорнија бидејќи нема право да влезе во САД, а и на тренинзите пред СП во Русија, тој е единствен фудбалер на чиј дрес нема никакво лого.

Внимателно се одредени и летовите бидејќи на Маркез не му е дозволено да патува со американска компанија. Правните стручњаци кои беа посебно вклучени во случајот истакнуваат дека во ФИФА мора добро да се потрудат и да предвидат многу детали за да не дојде до прекршување на ниедно правило што би било во судир со интересита на Американското министерство за финансии.

„Казните се многу големи“ – истакнува адвокатот Оливер Кришчик специјализиран за санкциите од американското министерство.

Фирмите кои ќе ги прекршат законските одредби, дури и ненамерно, може да бидат казнети со суми и до 1,5 милиони долари за само еден прекршок, додека намерно прекршување на одредбите носи казни и од 10 милиони долари и максимални 30 години затвор. А, бидејќи никој не сака да ризикува такви санкции, сите се максимално внимателни, а Рафаел Маркез под посебен третман на Мундијалот. Но, тој и Мексико ќе играат и во осминафиналето.

Се вчитува...