Нант без Лазаров немоќен против Магдебург, Нексе го реши и Гудме

Нант се наоѓа пред елиминација од Лигата на Европа откако тимот на нашиот Кире Лазаров го загуби првиот четвртфинален дуел со Магдебург, и тоа на домашен терен со резултат 25-28. Лазаров поради повреда го пропушти овој дуел, но Нант тргна фуриозно и без помошта на Македонецот, поведувајќи со по три гола во неколку ситуации во првиот дел. Магдебург, кој е бранител на трофејот во ЛЕ, ја консолидираше одбраната, а во завршните десетина минути блесна голманот Јенсен, кој одбрани неколку зицери на домашните ракометари и му помогна на својот тим да стигне до предност од три гола пред реваншот на домашен терен за седум дена.

Магнусон со шест и Хорнке со пет гола беа најефикасни во таборот на Магдебург. Нилсен бранеше многу добро за Нант, но и неговите 13 интервенции беа недоволни да се стигне до подобар резултат на овој натпревар.

Нексе се наоѓа на чекор до полуфиналето од Лигата на Европа на ЕХФ откако хрватскиот вицепрвак по елиминацијата на Пелистер одигра и одличен прв меч против данскиот ГОГ Гудме, славејќи на домашен терен во Нашице со 32-27. Халил Јагањац беше незапирлив и со девет гола го предводеше Нексе во овој голем триумф, додека по шест погодоци постигнаа Вејин и Мелиќ. Толбринг со седум и Питлик со шест погодоци беа најдобри поединци во таборот на Гудме, чии ракометари ќе треба добро да се намачат ако сакаат да се пласираат во полуфиналето и да ги надополнат овие „минус пет“ на реваншот во Данска.

Бенфика е тимот што има најубедлива предност по првите четвртфинални средби откако португалскиот претставник го совлада Горење Велење со убедливи 36-29. Гостите од Словенија по првото полувреме имаа водство од 16-18, но им се случи тотално фијаско во вторите 30 минути, по кое се соочуваат со невозможна мисија на претстојниот реванш. Ѓорѓиќ со девет и Кукиќ со осум погодоци беа најефикасни во таборот на Бенфика.

Висла Плоцк исто така е блиску до полуфиналето откако полскиот вицепрвак како гостин славеше на првиот четвртфинален меч со Кадетен Шафхаузен 31-33. Висла имаше водство од 27-33 на пет минути до крајот, Швајцарците го завршија мечот со серија од 4-0, но сепак не успеаја да избегнат пораз.

Се вчитува...