Напладне ждреб за ЛШ: Вардар го чекаат Олимпијакос, Селтик, Салцбург, Легија…

Македонскиот првак Вардар има убава можност конечно да ја надмине првата пречка во квалификациите за ЛШ и да го елиминира Малме, по ремито 1-1 на првиот меч во Шведска, а денеска напладне со ждребот во Нион ќе го добие и наредниот можен противник. Доколку го елиминираат Малме, „вардарци“ повторно ќе бидат во групата на неповластени тимови и ќе играат против многу посилен ривал. Но, сепак, има и некои кои би можеле да ја добијат претставката „џек-пот“.

Победникот од дуелот Вардар – Малме, би можел да добие еден од следните ривали: Олимпијакос (Грција), Селтик (Шкотска), Салцбург (Австрија), Копенхаген (Данска), Лудогорец (Бугарија), Бате Борисов (Белорусија), Легија (Полска), АПОЕЛ (Кипар), Марибор (Словенија) и Карабах (Азербејџан). Дел од овие екипи се учесници и во второто квалификациско коло од ЛШ, но, сепак, се фаворити за пласман понатаму, иако некои и немаат поволни резултати по првите мечеви.

Секако дека Олимпијакос е најатрактивниот можен противник, и поради квалитетот и реномето на клубот, но и поради фактот што доаѓа од соседна Грција. Ако се бара „џек – пот“, односно најлесен можен ривал, тоа сигурно е словенечкиот Марибор, или пак Карабах од Азербејџан.

Вардар има поволен резултат (1-1) од првиот дуел со Малме во Шведска, а реваншот ќе го игра во вторник во Струмица. Напладне ќе го дознае и својот следен потенцијален ривал.

И ШКЕНДИЈА И РАБОТНИЧКИ ГИ ДОБИВААТ ЕВЕНТУАЛНИТЕ ПРОТИВНИЦИ ЗА 3. КОЛО

Од 13 часот, пак, е ждрепката и за 3. квалификациско коло за Лигата на Европа. Шкендија и Работнички ќе бидат на листата на носители при ждрепката за следната рунда.

Се вчитува...