Наполи ќе прави „ремонт“, но Елмас сигурно останува

Наполи има разочарувачка сезона преполна со конфликти меѓу управата и фудбалерите, па претседателот Аурелио де Лаурентис најавува сериозен „рез“ во тимот и продажба на дел од клучните играчи, но и доаѓање на неколку квалитетни засилувања. Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, кој имаше добра дебитантска сезона, е на листата на фудбалери кои сигурно остануваат во Неапол, со оглед на фактот дека тој важи за „играч за иднината“ кој во наредната сезона би требало да добие уште поголема минутажа од тренерот Гатузо.

На врвот на листата на оние кои ќе си заминат е Бразилецот Алан. Тој имаше неколку конфликти со управата, но и со тренерот Гатузо, па Бразилецот сигурно е на излезна врата. За неговите услуги се интересираше ПСЖ, Карло Анчелоти сака да го одведе во Евертон, а „наполитанците“ очекуваат да заработат 50 милиони евра од овој трансфер. Се очекува од „Сан Паоло“ да си замине и Калиду Кулибали, но Наполи тешко дека ќе заработи 100 милиони евра, колку што лани бараше за одличниот дефанзивец. ПСЖ, Ливерпул и Реал Мадрид покажаа интерес за сенегалскиот репрезентативец, чија вредност по слабата сезона падна на 60 милиони евра.

Голгетерот Аркадиуш Милик исто така ќе си замине, откако ја одби понудата за нов договор. Наполи бараше 40 милиони евра, а во игра се Јувентус и Атлетико Мадрид. Покрај него, тимот како слободен играч ќе го напушти и Калјехон, како и левиот бек Гулам, кој поради чести повреди не остави позначајна трага во тимот на Наполи.

Покрај Елмас, од оние кои сигурно ќе останат се напаѓачите Мертенс (во најскоро време ќе потпише нов договор) и Инсиње, потоа Максимовиќ, Манолас, Политано, Зиелински, Марио Руи и Фабијан Руиз.

Се вчитува...