Наумоски: Горд сум што финансиски ја стабилизирав МКФ

Досегашниот претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, Петар Наумоски, заминува задоволен од тоа што го сработил во изминатите четири години колку што беше на функцијата. Потенцира дека го направил максимумот во рамките на ингеренциите, а особено е горд што финансиски ја стабилизирал федерацијата. Во соопштение, Наумоски објаснува дека МКФ во неговиот мандат добила и нов дом.

„Би сакал да им се заблагодарам на сите соработници и поддржувачи во изминативе четири години, да истакнам дека заеднички се донесоа доста промени, позитивни во интерес на кошарката. Можеби некој ќе каже дека можело повеќе, јас ќе кажам дека секогаш може подобро и повеќе меѓутоа уверен сум дека со овие ингеренции што МКФ и раководството ги има ова е максимумот. Сметам дека и се оддолживме на оваа спортска институција и на кошарката преку нашето ангажирање и посветеност во последните четири години.

Ја деблокиравме  сметката на федерацијата, ги вративме сите долгови што само во континуитет се таложеле, ја доведовме федерацијата во стабилна, сигурна па и профитабилна организација, што всушност е работа и обврска на едно успешно раководство на која било институција.

Кошаркарскиот дом за федерацијата е добиен од пред петнаесетина месеци, но се уште го немаме добиено во владение поради имотно правни кочници и таму беше зацртана целата програма за развој на младите во текот на сите 12 месеци во годината, а не само 45-60 дена пред секое Европско младинско првенство. На новото раководство им посакувам успех и добри резултати во нивното работење“ – стои во соопштението од Наумоски објавено на официјалната страница на МКФ.

Перо Антиќ е новиот претседател на кошаркарската федерација. Тој денеска беше единствен кандидат на изборното собрание на кое Наумоски реши да не поднесе кандидатура.

Се вчитува...