Наумоски и Шумуликоски – средба во Анталија, сега еден против друг… (ФОТО)

Убава средба на минување во турскиот туристички центар Анталија, кој секоја зима вообичаено е собиралиште на голем број екипи од Европа. Овој пат пријателскиот натпревар меѓу српскиот суперлигаш Динамо Врање и чешкиот прволигаш Словачко во турски Белек ги спои и едни од најславните имиња во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал, Илчо Наумоски и Величе Шумуликоски.

Наумоски, кој од сезонава е дел од стручниот штаб на Динамо Врање, и Шумуликоски како спортски директор на Словачко, сега за првпат еден против друг… На крајот, нивните тимови на денешниот тест дуел ‘братски’ одиграа без победник (4-4), но тоа е најмалку важно…

„Големото пријателство од репрезентативните денови едноставно тлее меѓу нас, и покрај тоа што поради професионалните обврски се среќаваме сега после подолг период. Но, убаво е потсетувањето и за оние минати долги заеднички репрезентативни настапи“ – велат и двајцата од Анталија.

По ангажманот во Кина, Наумоски, како што е познато, сега тренерската кариера ја продолжи во Динамо Врање. Шумуликоски, пак, откако минатата година ја заврши играчката кариера, оставајќи силна трага последните години во тимот на Словачко, веднаш од раководството на клубот ја доби престижната функција активирајќи се во спортските менаџерски води. Шумуликоски со 85 репрезентативни настапи е и еден од тројцата фудбалери, покрај Седлоски и Пандев, со најголем број одиграни натпревари во сениорската селекција во историјата на македонскиот фудбал.

Се вчитува...