Наумоски се сели во Турција, во мај се повлекува од МКФ!

Петар Наумоски во најскоро време со своето семејство се сели во Турција, каде неговите два сина ќе ги продолжат кошаркарските кариери низ младинските категории на клубовите од Истанбул. Првиот човек на МКФ во изјава за ЕКИПА информира дека преселбата во Турција значи дека тој нема да се кандидира за нов претседателски мандат, но ќе остане на чело на федерацијата до крајот на тековниот, до завршувањето на новата натпреварувачка сезона во месец мај 2019 година.

„Моето заминување е пред се од приватни причини, тоа можеше да се случи и лани, но најверојатно не беше доволно созреано времето. Моите два сина играат кошарка и сакаат да се обидат да напредуваат на едно повисоко ниво. Сите заедно избравме тоа ниво да биде најверојатно Турција, и токму поради тоа ќе дојде до промена на моето место на физичко живеење, но нема да значи и целосно отсуство од федерацијата, ниту пак престанок на моето раководење со МКФ. Сакам да биде јасно дека не е време за повлекување, јас не се повлекувам, туку ќе продолжам да ја извршувам претседателската функција до крајот на мандатот, до месец мај 2019 година. Можеби досега временското исполнение што го имав во федерацијата беше секојдневно, од сабајле до вечер, во иднина нема да биде на таков начин. Ако се случеше такво нешто до февруари можеше да се каже дека недостигаат луѓе, но оттогаш ја доекипиравме федерацијата и сега во самото раководство има доволен кадар што би го покрил моето секојдневно физичко неприсуство во просториите на МКФ. Воедно, не се оди на далечен пат каде комуникацијата и конекциите за патување би биле компликувани. По се изгледа дестинацијата ќе биде Истанбул, знаеме дека авионски овој град е секојдневно поврзан со Скопје. Функционирањето и работењето нема да претставува пречка со моето евентуално заминување и живеење во турскиот град“ – истакнува Наумоски.

Тој е убеден дека неговото физичко отсуство нема да биде фактор, ниту пак ќе дојде до промена на приоритетите во работата на федерацијата и ставање на акцентот на младите репрезентации.

„Пред се тајмингот е тој, денешниот ден се поклопува со вчерашниот успех на генерацијата У16 и пласманот во полуфиналето од ЕП во Сараево. Ние отсекогаш го споменувавме и истакнувавме проектот „Заедно до У16“ што го почнавме уште пред две години и што трае и за наредните генерации на млади кошаркари. Ние само за тие селекции можеме да кажеме дека нешто сме направиле и сме помрднале поинаку за разлика од минатите години, дечињата ни донесоа радост со пласман во полуфиналето, покажаа една добра хемија и тимска игра што ја красеше Македонија во текот на целиот шампионат. Нормално, тука ќе следи периодот на натпревари на А-селекцијата, во новиот циклус против Косово и Романија. За нас е многу значајно да продолжиме со позитивниот тренд, она што го направивме во минатата рунда да го повториме и сега и конечно да го истрасираме патот за најдобрата репрезентација да се најде онаму каде кошаркарската јавност е навикната да ја гледа нашата селекција“ – вели Петар Наумоски.

Се вчитува...