НБА-трансфери: Дончиќ доби шутери за помош, генијалецот Рајли го донесе Оладипо во Мајами

Далас исто така беше активен во последниот ден од преодниот рок откако Марк Кјубан го осигура доаѓањето на Џеј Џеј Редик и на Николо Мели од Њу Орлеанс. Станува збор за двајца играчи кои важат за еспрекорни шутери, кои сигурно ќе знаат да ги искористат честите удвојувања на противниците врз Лука Дончиќ. Воедно, Далас не се откажа од ниту еден од своите клучни играчи за да дојде до Редик и до Мели, бидејќи во Њу Орлеанс беа испратени искусниот Џејмс Џонсон и младиот Вес Ивунду, како и пик од втората рунда на драфтот.

Пет Рајли се покажа како генијален менаџер откако успеа да го доведе Виктор Оладипо од Хјустон во Мајами. Оладипо беше најзвучното име од размената со која Хјустон остана без Џејмс Харден, но „ракетите“ се откажаа од одличниот плејмејкер, притоа не добивајќи ниту адекватен играч во размена од Мајами. Имено, Рајли ги задржа клучните кошаркари на Мајами, а за Оладипо се откажа само од Бредли и од Олиник, што е извонреден бизнис за ланските вицешампиони.

Рајли денеска го договори и доаѓањето на Бјелица од Сакраменто, а пред една седмица во Мајами го доведе и Ариза од Оклахома Сити.

Рејџон Рондо лани ја освои титулата со ЛА Лејкерс, но сезонава ќе ја заврши како член на ЛА Клиперс. Искусниот плејмејкер ја почна сезонава во Атланта, но „јастребте“ се согласија да го пратат во таборот на клиперси во размена за Лу Вилијамс, кој пред неколку години беше избран за најдобар шести играч во лигата.

Се вчитува...