Денис Шредер го доби епитетот „лузер“ на претсезоната во НБА лигата откако во текот на претходната сезона одби понуда од повеќе од 80 милиони долари од Лејкерс со цел истата да достигне од 100 до 200 милиони долари како слободен агент, а на крајот потпиша договор со Бостон вреден 5.9 милиони долари.
Сепак еден играч успеа да го надмине Германецот, а тоа е Виктор Оладипо кој потпиша нова едногодишна соработка со Мајами за само два милиони долари. Како потсетување, претходната година бекот имаше шанса да ја продолжи довербата со Индијана за 112 милиони долари за четири сезони, но во потрага по побогат договор експресно ја одби понудата.
Следеше размена на играчи по кои Оладипо заврши во Хјустон како дел од „ребилдинг“ проектот на Рокетс по заминувањето на Џејмс Харден. И Хјустон сакаше да го задржи Олдипо во своите редови, но на само две години за кои 29-годишникот ќе заработеше 45 милиони долари. Но и таа понуда беше одбиена.
Следеше нов и трансфер, овој пат во Мајами каде следеше и нова тешка повреда поради која прерано ја заврши сезоната. По ангажманот на Кајл Лаури, во тимот од Флорида остана само шанса за ветерански минимум со кој Оладипо мораше да се задоволи па играчот кој можеше да биде еден од најплатените во НБА лигата денеска не е ниту во првите 250 најплатени кошаркари во светот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА