Не е се во парите – Модриќ останува „крал“

Лука Модриќ ќе ги разреши сите дилеми околу својата иднина потпишувајќи нов едногодишен договор со Реал Мадрид. Актуелниот договор на хрватскиот плејмејкер истекува на крајот од сезонава, тој од 1 јануари ќе има право да потпише преддоговор со друг клуб, но Модриќ воопшто не размислува на оваа тема. Весникот „Ас“ објави дека сите детали се веќе средени, Лука ја прифатил понудата од Флорентино Перез и само прашање на време е кога ќе се официјализира продолжувањето на соработката

Финансискиот аспект не беше пресуден бидејќи платата што Модриќ ќе ја заработува во следната сезона е пониска од онаа што тој ја зема во моментов. Тој на маса имал богати понуди од САД и од Катар, но приоритет секогаш беше останување во Реал, желба што на крајот му се исполни на извонредниот плејмејкер.

Лука Модриќ пристигна во Реал Мадрид од Тотенхем во 2012 година, во трансфер вреден 35 милиони евра. Оттогаш, тој настапи на 363 натпревари за „кралевите“, притоа постигнувајќи 25 погодоци. Хрватот беше еден од клучните фудбалери во походот по четирите европски круни, a во својата колекција на трофеи има и две титули од Примера дивизион и еден трофеј од Копа дел реј.

Следен на листата приоритети за нов договор со Реал Мадрид е капитенот Серхио Рамос.

Се вчитува...