Недвед открива: Јуве ќе носи уште една „ѕвезда“

Јувентус направи мегатрансфер со ангажманот на Кристијано Роналдо, синоќа и официјално го врати Леонардо Бонучи, но италијанскиот првак не планира да застана со засилувањата за наредната сезона. Тоа го најави и потпретседателот Павел Недвед, порачувајќи дека трансферот на Бонучи нема да биде последен за Јуве во овој преоден рок.

„Не е готово“ – порача Недвед, по што повторно се појавија шпекулациите кој би можел да биде следното големо засилување за „старата дама“.

Прв избор е Пол Погба, играчот со кого тренерот Алегри имаше одлична соработка пред трансферот во Манчестер јунајтед. Французинот во меѓувреме влезе во конфликт со Мурињо и сака да си замине, а останува да се види дали „старата дама“ ќе успее да постигне договор со „ѓаволите“ за големиот ас да се врати назад во Торино.

Како втора опција се наведува ангажманот на Марсело од Реал Мадрид, во кој раце ќе вмеша и Роналдо, но тоа би значело продажба на Алекс Сандро. Една од варијантите е и Сергеј Милинковиќ Савиќ, но Јуве е со цврст став да не ја надмине сумата од 100 милиони евра, додека Лотито бара 150 милиони за српскиот интернационалец.

За потсетување, Јувентус во овој преоден рок покрај Роналдо и Бонучи ги потпиша уште и Емре Џан, Кансело, Спинацола и Перин, додека од таборот на италијанскиот првак си заминаа Буфон, Лихтштајнер, Асамоа, Игуаин, Мандрагора и Калдара.

Се вчитува...