„Нејмар мора да се извини, на Чави му е рано за тренер на Барса“

Еден од кандидатите за претседател на Барселона, Жорди Фаре изјави дека Нејмар е добредојден на „Камп Ноу“, но доколку Бразилецот сака да се врати во каталонскиот клуб мора да ги намали своите барања, но и да бара прошка.

„Нејмар е добредојден, но прво мора да ги намали своите барања и да замоли за прошка без понишување. Разговаравме со луѓето од неговото опкружување за „враќање дома“, кој не би го сакал третиот најдобар фудбалер во светот во својот тим?“ – порача Фаре.

Ситуацијата со Нејмар не е единствената ургентна, договорот на Меси истекува на крајот на сезоната…

„Сигурен сум дека Меси не сака да го напушти клубот. Неговите соработници ми рекоа дека сака да остане и тоа за нас е победнички проект. Јас му предложувам од година во година да се продолжува договорот и на крајот да стане почесен претседател. Со ваков предлог, смее ли да каже не?“ – самоуверен е кандидатот за претседател.

Фаре ја разреши и дилемата за поранешниот капитен Чави, кој нема да стане тренер на Барселона до 2022 година.

„Чави е најдобар играч за врска во историјата. Веќе ни порача дека до 2022 година нема да се врати во Барселона, тој е иднината на Барселона, но прво мора да започне од Академијата со цел да научи што значи да биде тренер. Мислам дека не сака да тренира поранешни соиграчи“ – додаде Фаре.

Се вчитува...