Некоја нова Македонија – одлична игра и водство на полувреме против Италија

Македонија игра одлично прво полувреме против Италија и на одмор замина со предност од 43-41 против лидерот во нашата квалификациска група за Евробаскет 2022. „Црвено-жолтите“ прикажуваат извонредна игра предводени од Ненад Димитријевиќ,  одлично деби во националниот тим има и Вајли, а вистинска штета е што одличната предност од осум поени пред крајот на полувремето италијанските кошаркари ја намалија на само „плус два“ за Македонија.

Македонија го почна мечот ефикасно во нападот, првите две реализации дојдоа преку Вајли, од кои онаа втората беше суператрактивен цепелин на асистенција на Војдан Стојановски. Неколку минути се менувавме во водство, а потоа „аѕурите“ за првпат се одлепија и поведоа со 11-16. Одбраната профункционира, а во нападот повторно блесна Вајли, кој со поени во рекет и мајсторска асистенција до Крстевски донесе минимално водство на нашиот национален тим од 17-16. Одличен во првата четвртина беше и Ненад Димитријевиќ, кој постигна 10 поени, но по првата четвртина имавме негатива од минимални 25-23.

Димитријевиќ го продолжи своето шоу и на стартот од втората чеетвртина, Бојан Трајковски погоди две тројки, па Македонија поведе со убедливи 27-34. Тодоров го повлече Димитријевиќ на заслужен одмор, но со тоа почнаа и проблемите во нападот и противникот се приближи на 34-32. Капитенот Војдан Стојановски го прекина постот на нашиот национален тим со поени од контранапад, потоа одлично удвои и изнуди чекори од италијанскиот центар. Потоа во игра се врати Димитријевиќ, кој набрзина стигна до 19 постигнати поени, а Македонија поведе со 40-34. Проблем претставуваше третата лична грешка на Вајли пред крајот на полувремето, но Ѓуроски на спротивната страна погоди тројки и донесе најубедливи „плус осум“ за нашиот национален тим (43-35), принудувајќи го италијанскиот селектор на нов тајмаут.

При овој резултат имавме и напад за „плус десет“, но не го искористивме, а италијанските кошаркари го искористија тоа и со две тројки намалија на 43-41, резултат со кој се замина и на одмор.

Ненад Димитријевиќ е најефикасен во нашиот табор со 19 поени, Трајковски и Вајли реализираа по шест, а Војдан Стојановски досега постигна пет поени. Проблем за селекторот Тодоров сигурно претставуваат личните грешки по првиот дел, Вајли веќе има три, а Трајковски и браќата Стојановски по два фаули во овие 20 минути игра.

Се вчитува...