Нема крај на малерите: Рајковиќ и ЦСКА загубија добиен меч со Зенит

ЦСКА Москва сезонава игра далеку под очекуваното ниво, а тимот на нашиот Емил Рајковиќ вечерва несреќно загуби уште еден меч, на домашен терен против Зенит со 91-92. Избраниците на Рајковиќ ја имаа победата во раце со водство од 91-88 на помалку од 30 секунди до крајот, но една почетничка грешка беше прескапо платена.

Мечот почна во знакот на гостите од Санкт Петербург, кои перфектно ја одиграа првата четвртина поведувајќи со 19-33. ЦСКА се стабилизираше, но гостите подолг период го одржуваа двоцифреното водство. Домашниот состав конечно влезе во ритам на три минути до крајот, кога по негативата од 80-88 кошаркарите на Емил Рајковиќ направија фантастична серија поведувајќи со 91-88. Зенит со две слободни фрлања намали на 91-90, а потоа во клучниот напад кога требаше само да се сочека ривалот да направи прекршок Mело почетнички ја загуби топката, по што гостите од Санкт Петербург преку Хантер стигнаа до победата.

Трагичарот Мело беше стрелец на 20 поени, најмногу во таборот на ЦСКА, 15 постигна Ханлан, додека најефикасни во таборот на Зенит беа Хантер со 24 и Кjурич со 17 поени.

Се вчитува...