Нема потежок натпревар, но ни поголема мотивација

Денот „Д“ за МЗТ Скопје во АБА лигата носи гостување кај Борац Чачак од 19 часот, натпревар од кој значи успешноста на сезоната на „сино-белите“. По турболенциите во камбекот во „елитата“ на регионалната кошарка, смената на тренерското место и поголем број играчи се се сведува на 40. минутна кошарка во која македонскиот шампион мора да слави во салата „Борац“ за да го задржи надежот за опстанок меѓу најдобрите тимови од поранешната Југославија.

Тоа добро го знае и предводникот на „металците“, Драган Николиќ кој вели дека го има потребниот рецепт за победа, но неговите играчи мораат да влезат во натпреварот со голема енергија и мотивација.

„Не очекува меч кој е да се биде или не за двете екипи бидејќи кој и да загуби ќе остане со минимални шанси за опстанок во АБА лигата. Ова значи дека кошаркарите на МЗТ Скопје и на Борац во натпреварот ќе излезат максимално мотивирани да дадат се од себе. Знаеме што треба да направиме за да дојдеме до посакуваната цел. Мора да одиграме подобро и со поголема енергија од дуелот со Игокеа и ако го сториме тоа, тогаш ќе може да се надеваме на успех во Чачак“, изјави Николиќ.

Првиот меѓусебен натпревар оваа сезона донесе голем кикс на МЗТ Скопје на домашен терен и пораз од српскиот претставник во натпревар во кој тогашниот предводник Александар Петровиќ остана без еден од своите најдобри кошаркари, Бре Ајви непосредно пред мечот.

Сега работите се променети, Николиќ имаше доволно време да го воигра „новиот МЗТ“, истиот резултираше и со победа против тимови како Цедевита Олимпија и ФМП, но „сино-белите“ денеска ќе мораат и да ја надоместат негативата од осум поени од средбата во Скопје.

МЗТ Скопје има искусни играчи во своите редови кои знаат и умеат да одговорат на предизвикот во најтешкиот натпревар во сезоната за кој воедно нема поголема мотивација.

Се вчитува...