Нема ваучери за кошаркарските второлигаши: Две третини од клубовите пред згаснување

Клубовите од втората кошаркарска лига на Македонија го кренаа гласот против чудната одлука ниту еден клуб од овој ранг на натпреварување да не добие ваучер со кој полесно би дошол до средства за финансирање за наредната сезона. Иако во текот на денот беше објавена листа од сите фудбалски клубови кои добија ваучери од АМС, меѓу нив и бројни второлигаши (Пелистер е меѓу петте екипи со најголем ваучер), тоа не е случај со кошаркарскиот спорт.

Токму поради ова голем дел од кошаркарските тимови од Втората лига поднесоа петиција што ќе ја испратат до Владата, Агенцијата за Млади и Спорт, Министерството за Финансии и до КФСМ, а во неа предупредуваат дека доколку не добијат средства, две третини од клубовите се соочуваат со опасност од згаснување.

„Почитувани, крајно сме разочарани од нефер селекцијата и распределбата на проектот Спортски ваучер, кој што по шестмесечно одложување и три пати променети критериуми ги изостави екипите од Втората лига мажи. Наместо да ги стимулирате екипите и школите кои што го креираат кошаркарскиот производ (играчите), решија непрофесионално и тотално тенденциозно по веќе познатата популистичка мерка, сретставата од граѓаните на државата да завршат кај веќе помогнатите од општините големи клубови.

Веруваме дека целата мерка е еден ненамерен пропуст, кој во најското време ќе биде исправен, во спротивно ризикуваме згаснување на две третити од Второлигашките и Младинските клубови во РСМ“ – се вели во петицијата потпишана од сите претставници на Второлигашите.

 

Се вчитува...