Португалија одигра под своите можности во ремито против селекцијата на Конго, а огромен дел од критиките се насочени кон Кристијано Роналдо кој одигра уште еден потпросечен натпревар на големите натпреварувања.
Роналдо по шести пат во кариерата на меч од СП или од ЕП немаше ниту еден удар во рамките на противничкиот гол, а многу позагрижувачка е статистиката која вели дека тој сега десет натпревари во низа нема гол за Португалија на најголемата фудбалска сцена.
Серијата почна на СП 2022 кога тој постигна погодок од пенал на првиот меч со Гана, но потоа беше немоќен против Уругвај, Јужна Кореја, Швајцарија и Мароко.
Роналдо требаше да биде важен адут на ЕП 2024, но таму не постигна погодок цел турнир, останувајќи „без муниција“ против Чешка, Турција, Грузија, Словенија и Франција.
Во ист стил продолжи и на премиерата на овој мундијал, што дефинитивно е огромен проблем за португалскиот национален тим. Во формација во која тој е најистурен во нападот, ако Кристијано што поскоро не го прекине овој голгетерски пост, Португалците ќе останат без речиси никакви шанси да дотуркаат далеку на СП 2026.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
