Нешто чудно се случува со трансферот на Хари Кејн во Баерн…

Баерн Минхен повеќе од месец дена преговараше со Тотенхем за Хари Кејн, условите со самиот голгетер се договорени уште од претходно, па кога лондонскиот клуб денеска ја прифати понудата од над 105 милиони евра се чинеше дека оваа приказна ќе се заврши со потпис во следните 48 часа.

Наместо тоа, сагата продолжува, а главен виновник е самиот Кејн, кој според последните информации сега има сериозни дилеми дали да се пресели во Минхен или да остане во Тотенхем. Приврзаноста на големиот ас кон „спарси“ е несомнена, тој е импресиониран од тактичките замисли на новиот тренер, па сега сериозно размислува дали да остане уште најмалку една година во клубот.

За премислувањето на Кејн се информирани и челниците на Баерн, кои досега тврдеа дека работата е завршена, но сега посочуваат дека ситуацијата е „50-50“ и никој не може ниту да претпостави каква одлука ќе донесе англискиот репрезентативец.

Ставот на Тотенхем е јасен, ако Кејн остане ќе мора да потпише нов договор со клубот бидејќи актуелниот му истекува на крајот од сезонава. Ако двете страни се договорат за продолжување на соработката, може да се очекува во новиот договор да има клаузула за заминување од околу 100 милиони фунти, доколку Кејн зажали за својата одлука за останување и реши да си замине следното лето.

Се вчитува...