Гостин во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ беше поранешниот македонски ракометен селектор, Данило Брестовац, поранешен македонски репрезентативец и тренер со богато меѓународно искуство.
Меѓу бројните теми на разговор со еден од најдобрите македонски ракометни стратези, потсетување и за едно од најдобрите наши учества на светските шампионати, она од 2015 на СП во Катар, кога Македонија со селекторот Ивица Обрван стигна до осминафинале и дуел со Словенија кој го загуби со 30-28.
Претходно, Македонија одигра одлична групна фаза завршувајќи како второпласирана во групата зад Хрватска, а со четири победи над Австрија, Тунис, БиХ и Иран.
Брестовац открива за дилемата пред последниот натпревар. Македонија можеше да одбере дали ќе игра со Словенија во осминафиналето, или свесно ќе оди на домаќинот Катар… На крај, се играше спортски со триумф над Австријците па на мегдан со силната Словенија.
„Имавме тогаш многу напади по поразот од Словенија, но сите коментираат а никој не знае што точно се случува внатре во репрезентацијата. Една ситуација, пред мечот со Словенија, Велко беше болен, два-три дена со температар, а се повредува Аце Јоноски, зглобот го витка. Реално треба да играме некоја поагресивна зона пет-еден. Сите не напаѓаа дека сме требало да играме поагресивно, повисока зона. Никој не знае дека едниот три дена е под инфузија, а другиот дека зглобот му е свиткан, а на истиот натпревар го витка и другиот зглоб“ – вели Брестовац.
А, дали остана жал за поголем успех на тоа првенство?
„Јас бев прв да се оди на Словенија во осминафиналето, иако имаше и размислувања дека можевме да бираме, со намерен пораз од Австрија во групната фаза, да одиме на Катар… Но, се сеќавам, јас тогаш реков дека Бог ќе не казни ако изгубиме така нмерно, ако ја пуштиме на Австријците така може ќе не казни Господ. Јас бев за да играме чесно. На состанокот на кој разговаравме за тоа пред мечот со Австрија, јас бев да си играме чесно, иако на полувреме со Словенија имаше момент кој не дефокусира. На полувреме против Словенците во осминафиналето имавме еден проблем. Ни пуштија во соблекувална информацијата дека Австрија, мислам, води со Катар и се создаде оној малку момент…: ‘Абе рековме да одиме на Катар…’. Тука е можеби, и црвениот картон на Миркуловски, кој мислам дека престрого беше досуден, и мислам дека тие беа клучни моменти…, иако пак ќе кажам ние одигравме навистина добар натпревар и со Словенците!“ – истакнува Брестовац.
ГЛЕДАЈТЕ ГО ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ДАНИЛО БРЕСТОВАЦ ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
