Неславна прошетка на Пелистер во Познањ: Пораз од 4-0… (ВИДЕО)

Освојувачот на Купот на Македонија, екипата на Пелистер не успеа да извлече резултат на гостувањето во Полска кој ќе го остави сериозно во игра за пласман во второто квалификациско коло за Лигата на Европа. „Пелистерци“ загубија убедливо со 4-0 (3-0) од Лех во Познањ, оставајќи за себе само теоретски шанси за реваншот по седум дена на стадионот „Младост“ во Струмица.

По само 38 минути игра во првото полувреме веќе беше јасно дека Пелистер ќе доживее убедлив пораз. Иако „зелените“ стартуваа позитивно на дуелот со во голема мера контрола на играта, сепак за само десет минути од 28. до 38. минута дозволија домашните да постигнат три погодоци за водство од 3-0.

Најпрво во 28. минута Нилсен погоди од белата точка, по сомнително досудениот пенал…

Тоа како да ги „скрши“ македонските фудбалери, па само две минути подоцна, Шитум во 30. минута со глава ефектно стрелаше под гредата на Илче Петревски, по нафрлањето од слободен удар од десната страна.

На 3-0 во 38. минута зголеми Мајевски со прекрасен шут од слободен удар од околу 25 метри…

Второто полувреме, Пелистер го почна нешто поагресивно, па во 49. минута најпрво Љамчевски се обиде да го загрози противничкиот гол, а веднаш потоа и Баже Илијоски имаше убава можност од само неколку метри одбиената топката да ја смести во мрежата на домашните. Но, не успеа.

По трите погодоци во првото полувреме, во 57. минута Марио Шитум го постигна својот втор гол на мечот, искористувајќи ја несигурната интервенција на голманот Илче Петровски по изведениот корнер од левата страна…

До крајот на мечот, Филип Петров во 82. минута имаше можност барем за почесен гол на „пелистерци“, но не успеа да ја затресе мрежата од голот на Лех Познањ, за конечни 4-0.

ЛИГА НА ЕВРОПА – 1. КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО (прв меч)

ЛЕХ ПОЗНАЊ (ПОЛ) – ПЕЛИСТЕР 4-0 (3-0)

Стадион „Миејски“ – Познањ. Гледачи: 7.000. Главен судија: Луис Годињо (Португалија). Стрелци: Нилсен 28′(п), Шитум 30′, 57′, Мајевски 38′ (Л).

ЛЕХ ПОЗНАЊ: Путноцки, Гумни, Нилсен, Тетех, Јевтиќ (75′ Гајош), Макушевски (71′ Баркрот), Н. Нилсен (69′ Робак), Шитум, Костевич, Дилавер, Мајевски

Тренер: Ненад Бјелица

ПЕЛИСТЕР: Петровски, Тошевски, Бојовиќ (46′ Петров), Љамчевски, Ковачев, Тодоровски, Маркоски (62′ Маркоски), Илиев (76′ Цветаноски), Пеев, Лукас, Илијоски

Тренер: Наџи Шенсои

Се вчитува...