Несторовски погоди по шест месеци, но Удинезе загуби во Салерно по неверојатен пресврт (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски беше стрелец за Удинезе на гостувањето против Салернитана во 37. коло од Серија А кое заврши со пресврт победа на домашната екипа од 3-2 по гол во 96. минута.

Несторовски во финишот од сезоната доби конечно вистинска шанса во тимот на Удинезе, и квалитетните изданија ги заокружува и со гол во претпоследното коло од италијанското првенство.

Македонскиот напаѓач погоди од непосредна близина во 30. минута, на асистенција на Переира, за водство од 0-2 во тие моменти на Удинезе. За Несторовски ова е втор гол сезонава за тимот од Удине.

Сепак, домашните со два гола, на Кастанос во 43. минута и Кандрева во 57. минута најпрво дојдоа до 2-2, а потоа во 96. минута Нигериецот Трост-Еконг погоди за победа од 3-2 на Салернитана.

Враќањето на Несторовски во вистинска форма е повеќе од значајно и за селекторот Боби Милевски и македонската репрезентација, посебно ако се знае дека повторно националниот тим ќе има проблеми со креација на нападот по повредата на Бојан Миовски.

Се вчитува...