Неверојатно: Суарез нема дадено гол во гости во ЛШ цели 1252 дена

Лионел Меси е генијалец, но Барса се мачи со ривалите кога во ритам не е Луис Суарез. А уругвајскиот ас дефинитивно не е препознатлив кога Барселона гостува во Лигата на шампионите, со оглед на фактот дека тој повеќе од три години нема постигнато гол за каталонскиот гигант надвор од „Камп ноу“.

Поточно кажано, од последниот погодок на Суарез на гостински терен во ЛШ (16 септември 2015 година во Рим против Рома) се минати точно 1252 дена, предолг пост на главниот напаѓач на каталонскиот гигант.

„Кога Суарез е на теренот, знаеме дека ќе се создадат шанси и негова работа е да ги реализира. Јас верувам во Луис и убеден сум дека ќе ја видиме неговата најдобра верзија“ – изјави тренерот Валверде.

Бројките не се во прилог на Уругваецот, кој нема постигнато гол за Барселона од 20 јануари, а во ЛШ – на последните 23 натпревари има само четири погодоци, сите на „Камп ноу“.

Гостувањето во Лион е вистинска можност за прекин на долгиот пост.

Се вчитува...