Невиден малер: Тешка повреда на Педро во последната минута од последниот меч за Челси

Бројни малери го следеа Челси на денешното куп-финале со Арсенал, но најголем од сите дефинитивно е Педро Родригез, кој заработи тешка повреда буквално во последната минута од својот последен меч за лондонскиот клуб.

Лампард вообичаено не сметаше на Шпанецот во голем дел од последните месеци, но овојпат беше принуден да го уфрли во игра откако се повреди Пулишиќ, а Вилијан не беше во комбинација за настап поради повреда. Педро даде се од себе за да спречи пораз од „топчиите“, но „изгоре“ во преголемата желба, па буквално во последната минута по еден продор во противничкиот шеснаесетник незгодно падна и заработи тешка повреда на рамото.

Лекарите најмалку пет минути му укажуваа помош пред Шпанецот на носилки да биде изнесен од теренот, а дополнителните прегледи треба да покажат колку е сериозна оваа повреда.

Неофицијално, Педро ги има договорено условите за тригодишен договор со Рома по истекот на договорот со Челси, a oстанува да се види дали оваа повреда ќе го искомпликува трансферот на поранешниот ас на Барселона.

Се вчитува...