Невидена драма: Лингард даде гол, Де Хеа одбрани пенал – Јунајтед го победи Вест Хем

Кристијано Роналдо ја продолжува голгетерската серија откако Португалецот биеше прецизно и на третиот меч во низа по трансферот од Јувентус во Манчестер Јунајтед. За задоволството да биде комплетно, „црвените ѓаволи“ успеаја да слават на тешкиот дуел со Вест Хем со 1-2, а улогите им припаднаа на Лингард, со гол во 89. минута, и на голманот Давид де Хеа, кој одбрани пенал во 94. минута.

Вест Хем на овој меч настапи без суспендираниот Антонио, но и со ослабен напад „чеканите“ први поведоа кога по ударот на Бенрахма топката го закачи Варан и го изненади голманот Де Хеа. На израмнување не се чекаше многу, Роналдо за милиметри избегна офсајд-замка и од „втор обид“ успеа да го совлада денеска одличниот Фабијански. Човек на одлука беше Џеси Лингард, кој влезе во игра во второто полувреме и се покажа како кошмарен за неговиот поранешен клуб.

Лингард, кој пред само неколку дена беше трагичар во ЛШ против Јанг Бојс, овојпат ја имаше улогата на херој, маестрално погодувајќи за 1-2. Судијата Еткинсон не досуди два пенали по стартовите врз Кристијано Роналдо, но потоа покажа на белата точка во судиското продолжение кога Шо играше со рака во сопствениот шеснаесетник. Мојес го уфрли во игра Нобл во 94. минута за да го изведе овој пенал, но Де Хеа го запре неговиот удар и му ја донесе победата на својот тим.

 

Слабиот старт на сезоната на Лестер продолжи и со денешниот пораз на гостувањето против Брајтон од 2-1. Домаќините први поведоа со голот од пенал на Мопеј во 35. минута, на стартот од вториот дел на 2-0 зголеми Велбек, а конечните 2-1 ги постави Џејми Варди на асистенција на Тилеманс. Лестер пред крајот на мечот постигна и втор гол, но погодокот на Ндиди во 64. минута беше поништен со ВАР поради офсајд.

Се вчитува...