„Невозможната мисија“ за МЗТ Скопје продолжува во Сплит

„Невозможната“ мисија за МЗТ Скопје да дојде до опстанок во АБА лигата продолжува денеска од 18 часот во популарната арена „Грипе“ каде македонскиот шампион ќе си ги одмери силите со Сплит. По триумфот против Задар на домашен терен „штрковите“ мораат да слават против новиот хрватски противник доколку сакаат да ги задржат шансите за место во „елитата“ до самиот крај на првенството.

Тоа добро го знае и Васко Атанасов кој во отсуство на Драган Николиќ ќе ги предводи аеродромци на тешкото гостување во Далмација.

„Не треба да потенцирам дека а нас ова е уште еден натпревар во кој мора да дадеме се од себе, да одиграме најдобро што можеме и да победиме ако сакаме да ги задржиме шансите за опстанок во АБА. Изминатава недела се соочувавме со здравствени проблеми, но тоа не не спречи да одработиме максимално и добро да се подготвиме. Против себе имам квалитетен тим, кој игра одлично, посебно на домашен терен. Но, на нас е да го дадеме максимумот и да пробаме да останеме во игра за останување меѓу најдобрите во регионот“, вели Атанасов.

Првиот меѓусебен натпревар оваа сезона заврши со хрватско славје во СЦ „Јане Сандански“, но Сплит е должник на МЗТ Скопје уште од настапите во АБА2 првенството во сезоната 2019/20 кога поради подобрата кош-разлика во меѓусебниот дуел му донесе место на хрватскиот претставник во „елитата“ на регионалната кошарка, тоа нека биде и мотив повеќе за победа.

Се вчитува...