Незаборавниот фудбалски земјотрес во Скопје: „Црното куферче“…, Еуфоријата и дружбата во Уранија со претседателот Борис Трајковски!

Има настани што остануваат во сеќавање се додека човек гледа, слуша, дише…

Ја слушам емисијата „Деновиве пред години“, по којзнае кој пат се присетив дека на денешен ден Американците (САД) ја фрлиле првата амтомска бомба во Хирошима, Јапонија. Дождот што непрекинато врне веќе со часови, едноставно ме принуди да прелистам некои стари „тефтери“ и , едноставно, сакам со Вас почитувани пријатели на „ЕКИПА“ да го споделам сеќавањата на скопскиот фудбалски земјотрес што се случи на 6. август 2003 година…

Да, најпрво, на 30. јули 2003 година фудбалска Европа со неверување ја прими веста од Москва – скопски Вардар со головите на Гроздановски и Вандаир забележи победа против рускиот шампион ЦСКА со 1-2, и ги зголеми своите шанси да заигра во европската фудбалска есен… Во улога на портпарол на екипата, му асистирав на колегата Огнен Герасимовски од Македонското радио-Радио Скопје. И двајцата бевме на победничката страна, верувам дека Огнен го изработи својот најдобар фудбалски радио-пренос!

БРАЦО СЕ КРИЕШЕ ОД СОПСТВЕНИКОТ НА ЦСКА… ВО СКОПЈЕ СИТЕ ЛИЦИТИРАА СО СУМАТА ЗА КОЈА ВАРДАР ЌЕ ГО ПРОДАДЕ МЕЧОТ…

Поради свои работни обврски финансиерот на Вардар, Слободан Вујчиќ-Брацо остана во својот Хамбург. Незнам колку го чинеше отворената телефонска линија со Москва, ама знам дека неколку пати се јавуваше за да се увери во вистинитоста на постигнатиот резултат.

Знам и дека по седум дена Брацо како повторно да изчезна, едноставно го немаше никаде! Не затоа што секој бараше влезен билет (капацитетот на Градски беше ограничен, во функција беа само Јужната и Северната трибина со капацитет од 17.000 места за седење, Западната и Источната трибина поради тоа што немаа столчиња беа забранети за употреба од страна на УЕФА), туку тој ја избегнуваше средбата со претседателот на ЦСКА кој со приватен авион допатува во Скопје. „Армејците“ беа сигурни во елиминацијата на Вардар, тие тогаш го купија и Хрватот Ивица Олиќ, веројатно не сакаа ништо да остават на случајност по неочекуваниот резулат на првата средба во Москва. Дали претседателот на ЦСКА допатува во Скопје со црно куферче или не никој не дозна, финансиерот на Вардар, Слободан Вујчиќ се појави на трибините со првиот свиреж на судијата! Инаку тие денови во Скопје на широко се лицитираше за сумата која Вардар ќе ја заработи од продажба на натпреварот! Ама, се разбира, не бидна ништо од тие измислици на „загрижените за Вардар“…!

СЕКОЈ САКАШЕ ФОТОГРАФИЈА СО ДРАГИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ БОРИС ТРАЈКОВСКИ

“Македонски спорт“ печатеше рекорден тираж. Миле, Стевче, Перо постојаните продавачи на влезниците на Вардар немаа билети ниту за себе! Натпреварот беше закажан за во 20 часот, некаде околу 15 часот за време на семејниот ручек постојано ми звонеше домашниот телефон. За еден колега од Белград чував акредитација, се договоривме каде да ја земе, ама на следниот телефонски повик, едноставно застанав мирно! Ми се јавуваат од кабинетот на претседателот на Рапубликата, Борис Трајковски… По неколку секунди го слушам Претседателот со интересно прашање:

„Сакам да ги посетам фудбалерите во соблекувалната пред натпреварот, кога тоа можам да го направам? И, ако може еден билет за мојот пријател „стариот вардарец“, директорот на „Реплек“, Васил Туџаров“.

Брзо се разбравме:

„Билет ќе има на влезот на Централна трибина, ама местото на гостинот ќе му биде веднаш зад Вас, таму каде што треба да седи обезбедувањето. Инаку, најдобро е да се биде на стадионот околу 19:45 минути…“ – одговорив.

Прекрасна атмосфера, преполни трибини, фудбалерите го завршуваат своето задолжително загревање пред натпреварот. Претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски стигнува на време, фудбалерите се во соблекувалната, влегува кај нив и на тренерот Зоран Стратев и на Зекир, Веселиновски, Ѓошевски, Блесинг, Бранковиќ, Трајчев, Гроздановски, Захариевски, Ристовски, Георгиевски, Вандаир, Јовчев, Петков, Божиновски, Милевски, Оливеира и Брага им посака успех и пласман во следното коло во Лигата на шампионите. Беше краток:

„Верувам во Вас, ќе не израдувате како и на првиот натпревар во Москва“.

Фудбалерите со аплауз го испратија претседателот решени да не го разочараат, а пред да се упати во централната ложа, како сеќавање на оваој натпревар во името на клубот на претседателот му подарив дрес со кој фудбалерите настапија на овој историски натпревар. Заблагодарувајќи се тивко ме запраша:

„Каде ќе бидат фудбалерите, сакам и по успехот да бидам со нив!“

„Во комшилукот – во ‘Уранија’“ – велам.

Добра екипа е ЦСКА… Во првото полувреме со голот на Гогниев во 30. минута ја најавија својата решителност да играат на се или ништо!

Миленикот на скопската публика Дос Сантош Вандаир во 64. минута ја затресе мрежата на Мандрукин, пред седум денови неговите голгетерски квалитети ги почувствува и многу попознатиот Акинфиев, на Градски веќе се славеше елиминацијата на познатите руски „армејци“…

На конференцијата за печат во подтрибинскиот простор тренерите Стратев и Газаев беа едногласни: „Подобриот оди понатаму!“

НЕЗАБОРАВНАТА ДРУЖБА ВО УРАНИЈА…

Претседателот на клубот, Драган Живковиќ заедно со потпретседателите Борче Ристевски и Серјожа Марков, директорите Бранко Радевски и Александар Закоски и со сите фудбалери и тренери заедно со драгиот гостин Борис Трајковски и спонзорот Слободан Вујчиќ-Брацо имаат причина за „победничкото“ трето полувреме во „Уранија“. Како портпарол на клубот во тоа време, разбирливо, имав одлична соработка со сите, а особено внимавав на односите со Серјожа Марков. Сите знаеја дека имаме различни симпатии кога станува збор за „Бихачка“ и за „Жолтата куќа“ па тука настојувавме да изградиме вистинска кохабитација! Тој 12 билети за неговата екипа на десната страна, јас пак исто толку за левата страна и се така додека еден ден не истрча на терен „Сваровски судството…“ Но тоа е сосем друга тема…

На „третото полувреме“ пристигнав речиси по 90 минути. Толку требаше Миле, Перо и Стевче во клупските простории да ги испразнат своите преполни торби со денари, да ги пребројат и да ги предадат на благајникот на клубот. Толку пари на едно место до тогаш не бев видел, леле си велам, колку ли тоа собираат оние во Мадрид, Барселона, Минхен или Лондон…

Во „Уранија“ беа веќе стигнале до десерт и кафе. Претседателот Борис Трајковски веднаш ме покани да седнам до него, благо се насмевна кога му реков дека собравме доволно пари за да ја платиме вечерата, па дури и за авионски лет до Прага на следната среда со Спарта! Немаше или пак немавме тогаш телефони што снимаат, мојот мал кодак апарат кој постојано го носев со себе ја забележи полноќната средба во “Уранија“. Сите фудбалери, особено Вандаир, Брага, Оливеира и нигериецот Блесинг сакаа да имаат фотографија со нашиот претседател, големиот човек и искрениот пријател на спортот Борис Трајковски.

Вардарците засекогаш го запаметија зедничкото другарување со претседателот Борис Трајковски во таа шестто-августовска ноќ од 2003 година. Сите тие зедно со Вандаир, Брага, Блесинг и Оливеира во едно февруарско пладне од 2004 година застанаа мирно во фоајето на Републичкиот парламент и му оддадоа почит на пререно починатиот претседател Борис Трајковски. Во нивните албуми на фотографиите од престојот во нашата гостољубива татковина, посебно место имаат и сликите со претседателот Трајковски забележани по големиот успех и елиминацијата на московскиот фудбалски гигант ЦСКА и незаборавното заедничко другарување во “Уранија“.

Атанас Костовски

Се вчитува...