Незадоволството меѓу атлетичарите расте: Злоупотреби на средствата за поддршка на младинските тимови!

Се повеќе расте незадоволството од македонските атлетски клубови и атлетските работници од апатијата во која е западната македонската атлетика изминативе години, како што велат, под раководство на претседателот Крсте Серафимовски.

Откако претходно шампионот на Македонија во маратон, Александар Кираџиев го одби настапот на Балканското првенство во Кипар овој месец, а свое отворено незадоволство од одредени ситуации во атлетиката искажа и најдобриот млад македонски атлетичар и стипендист од МОК за ЛОИ во Токио, Дарио Ивановски, и Иницијативниот одбор за промени во атлетската федерација го осудува самоволието на претседателот на АФМ, Крсте Серафимовски.

„Иницијативниот одбор кој го сочинуваат повеќе од една третина од клубовите, односно клубовите кои се активни и произведуваат врвни атлетичари, веќе отворено ги повикува и медиумите да ги погледнат големиот број законски и статутарни прекршоци кои ги направи ова раководство на АФМ“ – велат од Иницијативниот одбор за промени во АФМ.

А, образложението од АФМ за одбивање на иницијативата за Вонредно собрание е дека истата не е потпишана од 13 клубови потребни за Собрание, туку од десет клуба со што не е исполнет условот за неопходност на една третина клубови.

„Нашата иницијатива е комплетно регуларна… Може и од дописот до медиумите да ги видете сите 13 клуба официјално со потпис и печат. А, и покрај тоа иницијативата е одбиена самоволно од Серафимовски, кој со фиктивни клубови се бори за останување на власт, и со тоа постојано го прекршува Законот за здруженија. Но, ние нема да се откажеме од желбата конечно македонската атлетика да си го најде своето место на мапата на домашниот спорт. Сите сме група тренери кои постигнуваат резултати, и само успесите не водат во борбата за подобрување на состојбите во атлетиката. Сакаме само да се воведе ред во нашата федерација“ – вели Кристијан Кајчевски од АК Пролет, кој е дел од иницијативата за промени во АФМ.

Иницијаторите потенцираат дека комплетни информации за сите случувања се доставени и до Агенцијата за млади и спорт и до директорот Дарко Каевски од каде очекуваат одговор за конечно ставање ред во Атлетската федерација на Македонија.

Како дел од злоупотребите на раководството на АФМ, од Иницијативниот одбор го потенцираат фактот и дека некои клубови и тоа како се финансиски оштетени со неправилната распределба на парите од Агенцијата за млади и спорт наменети за развој на младинските категории.

Резултатите на клубовите во младинските категории од 2017 година, како што информираат од Иницијативниот одбор е следниот…

А, распределбата на средствата од Агенцијата за млади и спорт, според доставената листа на Атлетската федерација е следната…

„Зачудувачки е како АК Студенти добива финансиска помош која не им следува. Каква е оваа распределба на средствата која до Агенцијата ја доставиле од АФМ која воопшто не одговара со критериумите според кои треба да има поддршка за младите категории? Зошто е изоставен АК Џамбазовски? Од сето тоа се гледа дека Атлетската федерација ја злоупотребува одлуката на Агенцијата за млади и спорт за поддршка на малдинскиот спорт и им доставува листа за финансиска поддршка која очигледно одговара само на претседателот. Срамно е што на таков начин неколку клубови се вистински оштетени“ – велат од Иницијативниот одбор за промени во АФМ.

Во очекување на одговорот од Агенцијата за млади и спорт, со оглед на тоа што, како што велат, самоволието на претседателот на АФМ продолжува, Иницијаторите најавуваат дека поради сите наведени случаи продолжуваат до крај во желбата конечно да се стави ред во македонската атлетика.

Се вчитува...