Незапирливиот Ентони донесе нова победа за Ла Лејкерс, актуелниот шампион Милвоки поразен

Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс и Бруклин Нетс остварија победи, додека актуелниот шампион Милвоки Бакс беше поразен, во натпреварите од НБА лигата ноќта меѓу неделата и понеделникот. Лејкерси водеа и со 28 поени разлика, а на крајот го победија Хјустон со 95-85.

Најдобар во тимот на Френк Вогел беше Кармело Ентони со 23 поени, Расел Вестбрук имаше 20 поени, 8 скока и 9 асистенции, Ентони Дејвис додаде 16 поени, а Леброн Џејмс запиша 15 поени, 7 скока и 8 асистенции.

Кај Рокетс во листата на стрелци се запиша Вуд со 16 поени и 13 скока, а Ерик Гордон постигна 17 поени. Од останатите натпревари, Бруклин имаше лесна задача со Детроит Пистонс, остварувајќи победа од 117-91. Џејмс Харден го постигна 59. трипл-дабл во кариерата и со тоа се израмни со Лери Бирд. Тој запиша 18 поени, 10 скока и 12 асистенции, а најефикасен беше Кевин Дурент со 23 поени. Ламаркус Олдриџ додаде 16 поени.

Јута го совлада Милвоки со 107-95 и со тоа му го нанесе третиот последователен пораз на десеткуваниот Бакс. Тимот од Висконсин играше без Холидеј, ДиВинченцо и Лопез, додека Мидлтон го пропушти овој двобој поради болест, а Худ се повреди во раната фаза од мечот.

НБА лигата го донесе и натпреварот меѓу Шарлот и Портланд, а домаќините остварија победа од 125-113. Ламело Бол блескаше со 27 поени, 9 скока и 7 асистенции.

 

 

 

 

 

 

Се вчитува...