Ние сме „ракометни самураи“ за Јапонија

Македонија со импресивна победа од 38-29 над Јапонија го стартуваше настапот на СП 2019 во Минхен. Фаворитската улога беше оправдана рутински, избраниците на Гонзалес доминираа цел натпревар, а предводени од одличните Ристовски во одбраната и Лазаров во нападот ги прокнижија првите бодови на овој шампионат. Јапонците инсистираа на брза игра, но налетаа на далеку поквалитетна репрезентација од себе. Победата носи задоволство и поради играта и поради резултатот, но и дополнително ја зголемува самодовербата во пресрет на клучните пресметки за влез во втората рунда.

Манасков го постигна првиот гол за Македонија, во ситуација со играч повеќе на теренот, но левото крило промаши и две чисти ситуации во кои голманот Јуки Кубо. Борко Ристовски беше одличен на стартот со три одбрани во првите пет минути, за брзо водство од 3-1 на нашата селекција. На идентичен начин на спротивната страна одговори Кубо, па во 7. минута Јапонија стигна до водство од 3-4. Ристовски одбрани обид за цепелин, одбраната повторно доби на сигурност, а благодарение на Стоилов и неговото второ изнудено исклучување Македонија повторно дојде до „плус два“ (6-4). Кире Лазаров со својот трет гол зголеми на 7-4, по што Дагур Сигурдсон го побара првиот тајмаут на натпреварот.

Одбраната функционираше одлично и по исклучувањето на Талески, па Гоце Георгиевски по една украдена топка од својата половина стрелаше прецизно за водство од 10-5. Ристовски веќе во 21. Минута стигна до својата десетта одбрана, во ситуација кога Македонија беше со играч помалку по исклучувањето на Кузмановски. Сепак, падот во концентрација во нападот на нашите ракометари им овозможи на Јапонците да намалат на 12-9. Мини-серијата на противникот ја прекина Талески, за потоа својот втор гол да го постигне Пешевски, на асистенција на Кире Лазаров. Предноста умешно ја одржувавме до крајот на полувремето, Раул Гонзалес побара тајмаут во 29. Минута, а на одмор се замина со резултат  18-13, благодарение на изворедните Лазаров (седум гола) и Борко Ристовски (12 интервенции).

Одбраната не беше на нивото од првиот дел на стартот од второто полувреме, а во нападот почнавме да играме „седум на шест“, одржувајќи ја предноста до 24-19. Столе Стоилов по изнудените пенали и исклучувања влезе и во гол-серија, но на спротивната страна Јапонците со брз центар експресно ги претвораа своите напади во погодоци. Нападот функционираше беспрекорно, па селекторот Гонзалес и ракометарите не дозволија победникот во ниту еден момент да биде доведен во прашање. Последните десет минути послужија за дополнително зголемување на предноста до конечните 38-29.

Кире Лазаров постигна осум гола и беше најдобар стрелец пред Манасков со седум погодоци, но во главна улога денеска беше Борко Ристовски, кој го заврши натпреварот со 20 успешни интервенции.

Македонија вториот натпревар на овој светски шампионат го игра в недела со почеток во 14 часот против селекцијата на Бахраин.

Се вчитува...