Едно од најголемите спортски имиња на Македонија во историјата, најдобриот македонски одбојкар Никола Ѓоргиев во најновиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА нескриено, под силни емоции, зборуваше и за огромниот мотив која го носи тој и сите негови репрезентативни соиграчи при настапите за националниот тим.
Македонските одбојкари од вчера во Струмица се на собир за долгите летни активности кои ги очекуваат најпрво во Златната Европска лига, а потоа и низ квалификациите против Грција и Грузија во желбата за нов пласман на Европско првенство.
„Мене ми е најголема среќа да играм за репрезентацијата на Македонија, тоа ништо не е променето. Се надевам дека ќе успеам оваа моја генерација да ја одведам на уште едно европско првенство, и дека со тоа Македонија во иднина ќе стане еден константен учесник на најголемите европски собири, а подоцна ќе ја оставам репрезентацијата на моите другари, на помладите кои исто така ќе го имаат оној дух во себе дека нормална работа а Македонија да игра на европските првенства!“ – вели Никола Ѓоргиев во подкастот „ПРЕСИНГ“.
А, за евентуалниот притисок за настап пред македонската публика која секогаш бара резултати, и за оние тешки времиња на репрезентативната одбојка кои се веќе зад нас, со став…
„Мене воопшто не ми претставува притисок настапот пред нашите навивачи на домашен терен, затоа што при порази јас сум на себе најголемиот критичар. Не ми требаат ниту медиуми, ниту навивачи. Јас сум си на себе најголемиот критичар. Знам дека е така и со другите момци. Не чувствуваме притисок во националниот дрес, затоа што најтешките времиња, зборувам од финансиски и организациски аспект, тие голготи кои ги имавме се оставени зад нас. Ние сме имале времиња кога стануваме наутро и не знаеме каде ќе тренираме, бараме сали, па одиме во салата и мрежата е висока 2.23 метри, а нели неопходно е 2.43, или одиме а теренот е седум на седум метри, не е девет на девет. Но, тие времиња се зад нас и затоа со гордост сега го очекуваме секој настап за Македонија желни да донесеме нова радост на нашите љубители на спортот“.
============================================================
КОМПЛЕТНИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ЈОШКО МИЛЕНКОСКИ И НИКОЛА ЃОРГИЕВ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА