Николиќ има корона, МЗТ во Сплит ќе го води Атанасов

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром утринава тргнаа на пат кон Сплит, каде што утре (18 часот) ќе му гостуваат на истоимениот поранешен европски шампион во обидот да останат во игра за опстанок во АБА-лигата. Во експедицијата која замина за Сплит го нема првиот тренер, Драган Николиќ.

Популарниот Гаги пред неколку дена беше тестиран позитивен на коронавирусот, па оттогаш е под будно око на лекарскиот тим на скопскиот клуб. Повтореното тестирање пред заминувањето за Хрватска покажа дека с уште е позитивен, поради што беше донесена одлука да не тргнува на пат со цел да не се ризикува пренесување на коронавирусот и на другите кошаркари и членови на стручниот штаб.

„Металците“ во Сплит ќе бидат предводени од Васко Атанасов, првиот помошник на Николиќ, кому ова ќе биде петта средба вкупно за време на престојот во Аеродром како кормилар на сино-белата чета, а трета оваа сезона. Тој досега има скор 4-0, со надеж дека ќе ја продолжи победничката серија како прв тренер на МЗТ Скопје, кој сезонава веќе има победи над Пелистер во Битола и над Кожув во „Јане Сандански“.

Се вчитува...