Николиќ по срамниот пораз: Лут сум сам на себе, бидејќи не можам да убедам некои играчи да ми веруваат

МЗТ Скопје останува закован на дното на табелата во АБА-лигата откако „металците“ претрпеа убедлив пораз на гостувањето против Студентски Центар (103-85). Аеродромци најавуваа изненадување и атак на првата гостински победа, но наместо тоа им беше одржана уште една кошаркарска лекција, во која и тактички и играчки беа целосно издоминирани од мотивираниот противник, кој со камата им наплати за поразот во првиот дел од натпреварувањето.

Тренерот на „штрковите“, Драган Николиќ по срамниот пораз вели дека е лут на самиот себе бидејќи не може некои кошаркари да ги убеди да веруваат во него.

„Гаги Николиќ е голем критичар, но прво тоа е кога сум на сам себе. Лут сум на себе затоа што не можам да ја убедам екипата. Дојдов во Скопје каде убаво се чувствувам и ги имам сите услови за работа. Ама не можам да сфатам како поединци не можам да ги убедам и да им ја дадам мојата верба дека се е можно во спортот. Па, да излеземе од оваа ситуација која не е добра за МЗТ. Сите други работи во МЗТ се добри, оваа ситуација во АБА не е. Несфатливи ми се поединци кои не веруваат ниту во моите зборови, ниту на навивачите, ниту на останатите. И навивачите веруваат дека можеме, луѓето од клубот веруваат дека можеме, секој ден објаснувам дека се може да се направи нешто. Жал ми е што во овие пет кола што сум тука, не победивме. Иако игравме против потенцијалите учесници во плеј-офот, идни учесници во Евролигата и Еврокупот“, изјави Николиќ.

Се вчитува...