Николиќ: Пруживме отпор на најдобрите на Балканот, верував дека може и да изненадиме но…

Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Драган Николиќ вели дека е задоволен што неговиот тим пружил соодветен отпор на една од најдобрите екипи на Балканот, нагласувајќи дека и верувал во изненадување против силниот противникот и покрај недостатокот на неколку играчи.

МЗТ одигра бледи први три четвртини во кои беше со негатива од 19 поени против црногорскиот Будуќност, за да во последната четвртина се врати до израмнување но без сили за пресврт и пораз од 86-90.

„МЗТ пружа отпор на најсилните екипи на Балканот, време е да се работи малку повеќе на кошарката во оваа земја од која имам потекло. Сакам прво да бидеме комплетни, да видиме што ни недостига. Мислам дека ако се разбираме повеќе во одбраната како кога се крена енергијата, можеме да играме подобро. Ние успеавме да се вратиме од 19 поени, има простор за напредок, а ни недостига победа за да се издигне овој тим. Во следните натпревари треба да одиграме како денес, како во Загреб и првото полувреме со Црвена Звезда“ – истакна Николиќ на прес-конференцијата по дуелот во „Јане Сандански“.

Што се однесува до самиот натпревар…

„Одигравме навистина богат натпревар, со добри кошаркарски потези, акции и слично. Би му честитал на Будуќност на победата. Верував дека можеме да изненадиме вака добар ривал, но факт е дека многу ни недостасуваа и повредениот Кук и болните Миќовиќ и Пандев. Будуќност е едно ниво над нас, тим кој прави резултати во Еврокупот. Му честитам на мојот колега на спротивната страна. Од една страна ми е многу жал што мојата екипа загуби, сакав оваа победа да им ја посветам на моите покојни родители, бидејќи играв на нивната слава. Ретко кога сум доживеал да добијам ваков аплауз, од целата сала при пораз. Тоа скандирање од публиката не го доживува секој тренер, навистина ми е мило што го доживеав“ – вели Николиќ, и дополнува:

„Во моментов ситуацијата е таква, каква што е. Ќе се обидам позитивното да го пренесам на играчите. Пред да дојдам МЗТ на одредени натпревари немаше среќа, Петровиќ е вистинска легенда на клубот, па не сакам да коментирам за минатото. Ако играчите продолжат со оваа енергија, јас верувам дека ќе успееме да дојдеме до посакуваните резултати. Можеби ќе се свртиме кон уште едно засилување, ама тоа понатаму. Благодарен сум на Гостивар, кој прифати да се одложи натпреварот пред за нас тежок пат во АБА-лигата“.

Се вчитува...