Николиќ: Се обидувам да објаснам, играчите не разбираат… на гости не се победува со убава игра, туку со борба

Драган Николиќ се надеваше дека МЗТ Скопје денеска ќе може да се израдува на првата гостинска победа во АБА, но наместо тоа „металците“ претрпеа нов пораз, овојпат на гостувањето против Морнар во Бар.

Домаќинот беше еден од ривалите на МЗТ во борбата за опстанок, но „металците“ потфрлија кога беше најважно, не успевајќи да се вратат по падот на концентрацијата во последниот период.

„Би сакал да им се заблагодарам за луѓето од Морнар за добриот пречек, за фактот дека ни обезбедија дополнителен термин за тренинг, од срце им благодарам, ова не е куртоазија, тоа е голем гест и најмалку што можам е да им се заблагодарам со зборови. Што се однесува до самиот натпревар, три четвртини целосно париравме. Очекував ова да биде меч што ќе го решава последната топка, но не се случи така, Глас имаше два три фантастични потези, Пецарски погоди тешки шутеви… на спротивната страна ние повторно имавме катастрофална селекција на прекршоци. Се обидувам да им објаснам на играчите, но не можат да разберат, на гости не се победува со убава игра, туку со борбеност. Имаме за што да жалиме и по овој меч, но самите сме си виновни, откако покажавме дека имаме енергија и се вративме од двоцифрена негатива во првото полувреме, потоа за пет минути го загубивме мечот во вториот дел“, изјави Николиќ.

Се вчитува...