Ништо не е случајно, Македонија непоразена во Љубљана

ЕКИПА во Љубљана,

Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија ремизираше (1-1) против Словенија во Љубљана во второто коло од квалификациите за ЕВРО 2020. Енис Барди беше стрелец на голот за нашиот национален тим во 47.минута, како одговор за водството на Словенците кое беше дело на Миха Зајц во 34.минута. „Црвено-жолтите“ имаат четири бода во групата заедно со Израел, а единствено Полска има максимален ефект.

Македонија одигра одличен натпревар, беше сосема рамноправен ривал, а можеме жалиме за неколку пропуштени шанси на Пандев, Барди и на Елмас. Во одбраната беше цврсти, а одличен се покажа потегот на селекторот Игор Ангеловски да го засили бедемот со Егзон Бејтулаи.

Во осмата минута Словенија ја имаше првата одлична можност, Андраж Шпорар несфатливо низ средината излезе сам пред Столе Димитриевски, но нашиот голман со одлична интервенција спаси да се тресе брзо нашата мрежа. Мечот влезе во нервозен период, а за први стартови жолти картони добија Бејтулаи, Муслиу и Николов.

Во 25. минута, Алиоски проби по левата страна, уфрли во средината, но во последен момент словенечките дефанзивци исфрлија во корнер.

Но, потоа дојде водството на Словенија. Иличиќ отвори одлична акција, Шпорар нафрли од десната страна, а Миха Зајц со удар со глава ја затресе мрежата на нашиот национален тим во 34.минута.

Пандев имаше можност да возврати само три минути подоцна, а и Елиф Елмас мораше да биде посамоуверен во 39.минута кога проигруваше кон Несторовски наместо да шутира од 20 метри.

Шпорар во 42. минута шутираше од 12 метри, но директно во Столе Димитриевски.

На самиот истек од првото полувреме, Елмас одлично го проигра Енис Барди, но тој шутираше над гредата и пропушти фантастична можност за израмнување.

На самиот почеток од вториот дел, Македонија се врати во игра. Алиоски украде топка од Стојановиќ, ја уфрли во средината, а Енис Барди со силен удар од 10 метри го совлада Јан Облак.

Во 55.минута, голема шанса за Словенија. Класичен противнапад, Зајц беше во одлична можност, шутираше со глава по центаршутот на Иличиќ, но во последен момент блокираше Егзон Бејтулаи. Четири минути подоцна и Вербич шутираше крај голот.

Во 77.минута, Барди одлично го проигра Елмас, тој шутираше откосо од левата страна, но Јан Облак успеа да одбрани.

Десет минути подоцна, Енис Барди се обиде од слободен удар, но шутираше над голот на Словенија. Македонија апсолутно заслужено си оди непоразена од Љубљана, а може да жали и за неколку пропуштени можности кои ќе донесеа и триумф.

СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 1-1 (1-0)

Стадион „Стожице“. Гледачи: 10.000. Судија: Хавиер Естрада Мартинез (Шпанија). Стрелец: Зајц 34’ (Словенија), Барди 47’ (Македонија). Ж. картони: Иличиќ (Словенија), Бејтулаи, Муслиу, Николов (Македонија).

СЛОВЕНИЈА: Облак, Стојановиќ, Струна, Мевља, Јокиќ, Крхин, Зајц (90’ Захович), Куртич, Вербич (83’ Чрнигој), Шпорар (71’ Берич), Иличиќ.

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Бејтулаи, Велковски, Муслиу, Алиоски (90’ Ристевски), Николов, Ристовски, Барди, Елмас, Пандев (76’ Трајковски), Несторовски (88’ Маркоски).

Се вчитува...