Ништо од Валенсија, Димитријевиќ ја задолжи „нулата“ во Хувентуд

Трансферот на Ненад Димитријевиќ во Валенсија долго беше најавуван во шпанските медиуми, но македонскиот репрезентативец сепак ќе остане во Хувентуд и во сезоната 2020/21. Тимот од Бадалона почна со подготовки, Димитријевиќ се појави на првата прозивка и му се стави на располагање на стручниот штаб, по што Македонецот се најде и во официјалниот ростер на Хувентуд, задржувајќи го дресот со број нула што го носеше и во изминатите години.

Димитријевиќ и во новата сезона ќе остане во овој тим, но прашање е колкава минутажа ќе има Македонецот. Имено, ова е негова последна година од договорот со Хувентуд, Димитријевиќ веќе одби да ја продолжи соработката, па на крајот од сезонава ќе може без никаква отштета да си замине од клубот. Токму поради ова Хувентуд инсистираше на негова продажба, трансферот не се случи, а во вакви ситуации обично одмаздата значи преселба на клупата за резерви.

Ваквиот расплет сепак е добра вест за македонската репрезентација, бидејќи Димитријевиќ ќе може да настапи за националниот тим во квалификациите за Евробаскет 2021, што немаше да биде возможно доколку летово се преселеше во тим од Евролигата.

Се вчитува...