Ниту Д од дерби: Веспрем го демолираше Пик Сегед

Веспрем е на чекор до четвртфиналето од Лигата на Шампионите откако „црвено-белите“ во првиот меч од унгарската пресметка со Пик Сегед на гостински терен го декласира големиот ривал со убедливи 30-37. Ракометарите на Веспрем одиграа беспрекорен офанзивен меч, имаа поддршка и од голманот Коралес, што им помогна за 60 минути да го решат патникот во четвртфиналето, каде ќе ги очекува пресметка со дански Алборг.

Почетокот од вечерашниот меч мина во знакот на голманот на гостите, Родриго Коралес, кој имаше четири одлични интервенции во почетните пет минути. Деска блескаше во нападот на Веспрем со пет гола во првите десетина минути, па тимот на Момир Или поведе со 8-14 кон средината на првото полувреме. Пик Сегед не се откажа, пред крајот на полувремето намали на два гола разлика (15-17), а на одмор се замина со „плус три“ за Вепрем (17-20).

Тоа беше се што домашниот тим успеа да стори на овој дуел бидејќи Веспрем на почетокот од вториот дел повторно се одлепи, поведувајќи со најубедливи плус седум (20-27), по што „црвено-белите“ ја одржаа удобната предност до самиот крај, заслужено триумфирајќи со 30-37.

Коралес имаше 15 успешни одбрани на голот на Веспрем, во нападот најефикасни беа Деска и Ваилупов со по седум погодоци. Во таборот на Пик Сегед најдобри стрелци во вечерашниот пораз беа Фримел со шест и Гарсијандија со пет погодоци.

Се вчитува...