Прес-конференцијата на Нојер – многу „драма во најава“, малку „забава“

Баерн Минхен вчера објави дека денеска Мануел Нојер ќе одржи прес-конференција на која ќе соопшти важна одлука за повредата која ја заработи на мечот со Фортуна Дизелдорф.

Кога излезе информацијата за пресот на Нојер, медиумите почнаа да шпекулираат дека германскиот голман може да најави и заминување во пензија. Сепак, на крајот тој не кажа ништо, што не беше познато за јавноста. Голманот на „баварците“ се надева дека ќе биде подготвен за мечот против Ред Бул Лајпциг кој на програмата е на 11. мај, во претпоследното коло од Бундес-лигата.

„Тешко е да се каже колку време нема да играм, уште е рано, но верувам дека е можно да се вратам на мечот со Лајпциг. Секако, цел ми е да се опоравам колку можам побрзо и да му помогнам на тимот. Ќе бидам со екипата без разлика на повредата. Мораме во секој натпревар до крајот на сезоната да дадеме максимум, ако сакаме да ја освоиме титулата во домашниот шампионат“, изјави Нојер. 

На табелата во Бундеслигата, Баерн Минхен се наоѓа на првата позиција со 67 бода, еден повеќе од второпласираната Борусија Дортмунд. До крајот на шампионатот има да се преостануваат уште пет кола.

Се вчитува...