Норвешка е баш силна: Ракометно шоу за полуфинале

Норвешка е првиот полуфиналист на ракометниот мундијал во Франција, откако во вечерашното четвртфинале во Албервил ја декласираше Унгарија со 31-27. Играјќи импресивен ракомет во текот на сите 60 минути, Норвежаните го покажаа сиот свој потенцијал, уште еднаш потврдувајќи дека Македонија беше елиминирана од една од најталентираните селекции на овој мундијал. На петнаесет минути до крајот скандинавската репрезентација имаше и „плус десет“, за Унгарија дури во финишот, откако прашањето на победникот беше решено, да се избори за нешто попристоен пораз.

Нашите ракометари во осминафиналето одлично парираа едно полувреме, додека Унгарците се распаднаа уште од самиот почеток. По само единаесет минути игра Норвешка веќе имаше убедливи 8-2. Четири минути подоцна скандинавската селекција предводена од одличниот Сагосен поведе и со седум гола разлика (11-4). Унгарија се обиде да се врати, стигна до 12-8 и имаше напад, но беше досудено пробивање од страна на Наѓ, по што Норвежаните фуриозно го завршија полувремето и на одмор заминаа со убедливи 17-10.

Избраниците на селекторот Сабате беа немоќни и во вторите 30 минути, па на средината од второто полувреме Норвешка за првпат стигна и до двоцифрена предност (26-16), за мечот на крајот да заврши „само“ со три гола разлика (31-28), за прво полуфинале на Норвежаните на ракометните мундијали.

Еспен Ли Хансен со шест гола беше најефикасен кај победничката селекција, пред Сагосен и Тонесен со по пет погодоци, додека Бергеруд беше одличен на голот на Норвешка со 14 интервенции.

Норвежаните за ривал во полуфиналето ќе го имаат подобриот од вечерашната пресметка меѓу Шпанија и Хрватска.

Се вчитува...