Норвешка е во финалето, Хрватска уште долго ќе жали

Норвешка е вториот финалист на ракометниот мундијал во Франција откако селекцијата што ја елиминираше Македонија вечерва славеше над Хрватска со 28-25. Во меч за кој уште долго ќе се говори Хрватска беше на чекор до победата, водеше до самиот финиш, а потоа и доби пенал со звукот на сирената. Сепак, избраниците на Бабиќ потклекнаа во клучниот момент, Хорват не успеа да го совлада Бергеруд, па Норвешка по дополнителните десет минути стигна до билет за финалето, каде ќе се сретне со домаќинот Франција.

Хрватска делуваше импресивно во одбраната на почетокот од ова полуфинале, а на Норвежаните им беа потребни дури осум минути за да го постигнат првиот погодок преку пивотот Мирхол. „Коцкестите“ поведоа со 4-1, во 14. минута поведоа и со 6-3, но потоа во ритам влегоа норвешките ракометари. Голманот Бергеруд одбрани неколку обиди на хрватските ракометари, од тие интервенции веднаш произлегоа контри и полуконтри, па неполни четири минути откако беа во негатива од три гола Норвежаните во 17. минута дојдоа и до своето прво водство (6-7). Крилото Бјорнсен делуваше незапирливо постигнувајќи четири гола од исто толку обиди во првото полувреме, Норвешка на одмор замина со предност од 10-12, но второто полувреме донесе нови возбудувања.

hrvatska norveska

Свесен за проблемите во нападот со кои се соочи во првиот дел, хрватскиот селектор Жељко Бабиќ во вториот дел тргна похрабро, со „седум на шест“ успевајќи полесно да дојде до чисти позиции за шут. Тоа придонесе не само „коцкестите“ експресно да израмнат на 12-12, туку и да го свртат резултатот во своја полза. Хрватска имаше предност од 18-16 и напад, но повторно на половина од полувремето дојде до пад кај оваа селекција и нов фуриозен период на Норвешка. „Коцкестите“ неполни седум минути беа без постигнaт гол, па скандинавската селекција го искористи тоа за да поведе со 18-19, пред Муса конечно да го совлада Бергеруд на асистенција на Циндриќ.

При водство на Хрватска од 21-20 исклучен беше Степанчиќ, но Пешиќ олично го запре ударот на О’Саливен, пред Контрец да погоди за 22-20. И при водство од 22-21 по враќањето на Степанчиќ Хрватите продолжија со напад „седум на шест“, но и со играч повеќе немаа идеја. Сагосен, кој го одигра ова полуфинале под својот просек, наивно загуби топка, па во последните две минути се влезе со водство на „коцкестите“ од еден гол (22-21). Хрватска пак не реализираше напа, но затоа на спротивната страна прецизен беше Сагосен, кој под ногата на Пешиќ ја смести топката во мрежата на противникот. „Коцкестите“ искусно го истрошија времето до самиот крај, а во последната акција Дувњак одлично го проигра Муса, чиј удар беше одбранет, но судиите Хорачек и Новотни при самиот истек на времето досудија пенал за Хрватска. Хорват ја презеде одговорноста, но Бергеруд го запре неговиот удар, па вториот финалист на овој мундијал беше решен преку дополнителни десет минути игра.

bergerud slavi

Многу селекции би паднале психолошки по ваква пропуштена шанса, но Хрватите се вратија на теренот решени да одговорат на предизвикот. Таквиот пристап им овозможи ново водство од два гола (24-22), но неполна минута им беше доволна на Норвежаните да возвратат со два брзи гола, па првото од двете продолженија заврши со израмнети 24-24. Скандинавците го искористија првиот напад во второто полувреме преку Мирхол, но Хрватска возврати со иста мера, со гол од пивот преку Муса. Сепак норвешкиот напад веќе беше влезен во ритам, но селекцијата што ја елиминираше Македонија постигна уште два погодоци и си го осигураа историското прво финале на големите ракометни натпреварувања, за конечни 28-25.

Хорват со шест гола беше најефикасен кај Хрватска, пред Мамиќ со пет и Дувњак со три погодоци, но бекот на Кил имаше дури десет промашувања. Кај Норвешка најдобри стрелци во ова полуфинале беа Мирхол со шест и Бјорнсен со пет погодоци, пред Сагосен и Танген со по четири гола.

Се вчитува...