Нотингем Форест експресно го избра и новиот менаџер што ќе го води тимот почнувајќи од утрешниот дуел од ЛЕ против Порто, „чест“ што му припадна на Шон Дајш.
Газдата Маринакис предизвика хаос во клубот по одлуката да му врачи отказ на Нуњо Еспирито Санто, и тоа неколку месеци откако Португалецот успеа да обезбеди излез во фудбалска Европа. Изборот на Постекоглу за нов тренер се покажа како големо промашување, австралискиот стратег доби отказ по само 39 дена откако не забележа ниту една победа на осум натпревари, па сега Дајш ќе се обиде да го врати победничкиот дух во тимот.
Станува збор за стратег кој претходно работеше во Барнли и во Евертон, стручњак што важи за „Специјалист за дефанзивен фудбал“ и чиста спротивност на Постекоглу.
„Пресреќни сме што можеме да го потврдиме Шон Дајш како нов менаџер на првата екипа. Тој со себе носи перфектен микс од карактер, тактичка подготвеност и докажани успеси за да го предводи тимот во ова следно поглавје“, се вели во соопштението на Нотингем Форест.
„Шумарите“ моментно се наоѓаат на катастрофалното 18. место на табелата со една победа (во првото коло) две реми и пет порази во досегашниот дел од Премиер-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

