Нов пораз на МЗТ Скопје: Три четвртини „егал“, па голем пад за неуспех во Бар

МЗТ Скопје не успеа да ја забележи првата гостинска победа во АБА-лигата откако македонскиот првак вечерва загуби на гостувањето против Морнар во Бар со резултат 93-84. „Металците“ одиграа многу подобро отколку на последното гостување против Студентски Центар, три четвртини целосно му парираа на домаќинот, но потфрлија кога беше најважно, во последните десет минути одиграа под своите можности и го загубија овој натпревар.

Натпреварот почна со ефикасна игра на двете страни, центарот Абу ги постигна првите пет поени за МЗТ Скопје, но одбраните на двата тима беа далеку од посакуваното ниво. Двете екипи се менуваа во водство, а по поените на Глас и на Кук во последните дваесетина секунди, Морнар ја заврши првата четвртина со минимално водство од 27-26. Почетокот на вториот период мина во целосна доминација на кошаркарите на Морнар, кои во 15. минута стигнаа и до двоцифрено водство од 44-33. МЗТ Скопје покажа карактер и се врати, па македонскиот првак со тројката на Кефи во самиот финиш од полувремето на одмор замина со израмнети 46-46.

„Металците“ подобро го почнаа третиот дел од натпреварот, поведоа со 53-59, резултат при кој не искористија напад. Морнар влезе во ритам, серија шутеви погоди Марко Пецарски и домаќините експресно се вратија, па резултатот и по три четвртини игра повторно беше израмнет (68-68). Како пресудни за конечниот исход се покажаа првите минути од четвртата четвртина, во кои Морнар доминираше, лесно го наоѓаше патот до кошот на аеродромци и повторно стигна до двоцифрена предност. Николиќ побара тајмаут при негатива на својот тим од 85-75.

Абу имаше серија атрактивни забивања во последната четвртина, но центарот на МЗТ Скопје немаше доволно помош од соиграчите, потфрли и одбраната, па македонскиот првак го загуби овој натпревар со конечни 93-84.

Абу со 20 поени беше најефикасен во редовите на МЗТ Скопје, три помалку постигна Кук, а двоцифрен ефект имаше само уште Кефи, реализирајќи 13 поени и осум асистенции.

Следен предизвик за „металците“ е атак на трофејот во Купот на Македонија, завршниот турнир ќе се одржи од 16 до 18 февруари, по што македонскиот првак ќе се врати на обврските во АБА-лигата, со домашен меч против ФМП.

Се вчитува...