Нов пресврт: Јуве и Интер ќе играат на 8 март

Секој нов ден носи и нови промени во календарот за натпреварување од Серија А, по хаосот што настана со бројните одложени натпревари во претходните две кола.

Вчера беше најавено дека натпреварите ќе продолжат со редовната рунда што беше предвидена за следниот викенд, но во меѓувреме и тој план се промени. Серија А попладнево објави дека најпрвин ќе се одиграат одложените натпревари од претходната рунда, за да се израмнат речиси сите екипи по бројот на одиграни средби (со исклучок на оние чии средби беа одложени пред две седмици).

Официјално е објавено дека дербито меѓу Јувентус и Интер ќе се игра на 8 март со почеток во 20.45 часот, без присуство на навивачи на „Алијанц Арена“ во Торино. Парма и СПАЛ ќе се сретнат в недела во 12.30 часот, за 15 часот се закажани средбите Милан – Џенова и Сампдорија – Верона, а во 18 часот Илија Несторовски и Удинезе ќе излезат на мегдан со Фиорентина. Колото ќе биде заокружено на 9 март, со натпреварот меѓу Сасуоло и Бреша.

Ова е официјална информација што попладнево беше објавена од италијанските фудбалски власти, но ако ги земеме во предвид случувањата и пресвртите во изминатите денови, не може со стопроцентна сигурност да се тврди дека повторно нема да дојде до пресврт во „пет до дванаесет“.

Се вчитува...