Фудбалската федерација на Иран објави дека квотата за билети на нивната репрезентација за натпреварите од Светското првенство во 2026 година е повлечена, поради што голем број ирански навивачи, кои веќе направиле аранжмани за патување, нема да можат да присуствуваат на натпреварите.
Во соопштението се вели дека бројни навивачи веќе купиле билети за патување, резервирале сместување и ги направиле сите потребни планови, потпирајќи се на претходно објавената постапка за распределба на билети.
„На помалку од три дена пред почетокот на Светското првенство во 2026 година, САД повторно презедоа чекори за да го спречат присуството на ирански навивачи на стадионите каде што иранската репрезентација ќе ги игра своите три натпревари од групната фаза“, се вели во соопштението на иранската федерација.
Иранската федерација верува дека таквата одлука е спротивна на основните принципи на меѓународните спортски натпревари.
„Таквиот потег е спротивен на духот на меѓународните натпревари и принципот на еднаквост меѓу сите земји учеснички“, се вели во соопштението на иранската федерација.
Засега не е познато дали ФИФА или организаторите на турнирот ќе реагираат на тврдењата на иранската федерација, ниту пак дали постои можност одлуката да биде променета пред почетокот на Светското првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
